„ВМРО-ДПМНЕ примарно се занимава да биде политички субјект кој што ќе понуди платформа за развој на Македонија. и од таа гледна точка нашата цел е ние како политички субјект да имаме што е можно повисок рејтинг, за да имаме што е можно повеќе пратеници. За нас е несомнено по анкетите на јавно мислење е дека ние ќе победиме на следните парламентарни избори. Но, тоа што го работиме во моментов е со добра програма, добра кадровска понуда, со добар концепт за развој на Македонија, да го зголемиме нашиот рејтинг, да имаме што поголемо мнозинство за да можеме да формираме што е можно покомотно парламентарно мнозинство насочено кон реформи“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Муцунски додаде дека на ВМРО-ДПМНЕ целите се развиена Македонија, економска просперитетна Македонија.
„Овој состав на Антикорупциската Комисија имал моменти кога дал позитивен придонес насочен кон борбата против корупцијата. Тоа што овој состав во моментов се соочува како свој предизвик е прво ограничените законски овластувања од гледна точка што може, а што не може да направи за подобро да си ги реализира зацртаните цели согласно нивната стратегија, и ограничување во делот на кадровските, административните и техничките капацитети. Што значи треба парламентарното мнозинство и идното парламентарно мнозинство да вложи во однос на зголемувањето ресурсите кои што ги има таа Комисија, но и зголемувањето на законските надлежности кои што ги имаа таа Комисија. Се обидувам секогаш да не давам конкретни оценки за тела кои што треба да бидат независни и сметам дека многу работи би можела и подобро да ги прави. Но, на крајот на денот тие сите одговараат пред пратениците во Собранието и тоа треба да биде местото каде што конкретно во рамките на собраниските комисии ќе се зборува за тоа што постигнале, а што не постигнале“, заклучи Муцунски.
Тој во текот на своето гостување се осврна и на посетата во Брисел при што посочи дека имале многу успешна посета, посета која што овозможи да остварат средби со навистина високи претставници како во Европскиот Совет, така и во Европската Комисија, во Европскиот Парламент, во рамките и на Европската Народна Партија.
„Во текот на тие состаноци го пренесовме тоа што ние го сметаме за наш конзистентен став, ВМРО-ДПМНЕ е проевропска партија, партија која што сака час поскоро Македонија да ја види како полноправна членка на ЕУ. Но, ние тој процес го гледаме единствено низ призмата на европски вредности и европски критериуми. И за нас прифаќањето на ваков тип на условувања какви што има во моментов без никакви обезбедени гаранции за извесноста на нашиот европски пат токму низ призмата на тие вредности и стандарди за кои што зборуваме е недозволиво“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Муцунски.
Тој рече дека се потребни час поскоро парламентарни избори со цел за подобро утре на Македонија, бидејќи оваа Влада единствено се бори за своите криминали.