Неколку видеа од напад врз двајца полициски службеници во Скопје се појавија на социјалните мрежи.
МВР информира дека настанот се случил во неделата околу 02:40 часот на булеварот „Партизански одреди“, а на едно од видеата се слушаат вербални, а потоа се гледаат и физички напади врз двајцата полициски службеници.
Според Министерството за внатрешни работи, службениците забележале лице кое не носело заштитна маска, а било и под дејство на алкохол и од него побарале лична карта со цел негово легитимирање. Лицето рекло дека не носи лична карта и почнало агресивно да се однесува кон полициските службеници, по што дошле и други лица, а едно од нив физички нападнало полициски службеник.
-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека настанот се случил на 04.10.2020 околу 02.40 часот на ул. Костурски херои, пред пекара и дека напаѓачите се приведени и против нив, по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава. Настанот е објавен и во извадокот од дневниот билтен што секојдневно го објавува Министерството за внатрешни работи. Лицата веднаш се лишени од слобода и спроведени во ПС Центар, каде им бил утврден идентитетот. Лицето што не носело маска и агресивно се однесувало е А.Т. (20) од Скопје, а лицето што физички нападнало полициски службеник е И.М. (22) исто така од Скопје. За целиот настан е изготвен соодветен службен материјал. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат, велат од МВР.