Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, претставникот на УСАИД за земјава, Ерик Јановски, заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани и претставници од СЗО го посетија селото Неготино во Општина Врапчиште, една од последните локации на караванот за информирање и вакцинација против КОВИД-19.
Караванот, како што соопшти Министерството за здравство, ќе заврши за два дена, со остварени посети на вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава. Освен можностите да се прими вакцина против КОВИД-19 во локалните заедници, медицински екипи, придружувани од волонтери на Црвениот крст и студенти од медицински здруженија, споделуваа веродостојни информации за вакцинирањето против КОВИД-19, како и за придобивките од вакцинацијата и ризиците од одложување. Се даваа и информации за локациите и работното време на најблиските здравствени домови, каде има вакцини на располагање за сите, информираат од Министерството.
– Согласно последните податоци од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, околу 41,2 отсто од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози. Голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици од КОВИД-19. Невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смрт од КОВИД-19 во споредба со тие кои биле вакцинирани. Затоа, граѓаните не треба да се колебаат и одлуката за вакцинирање не треба да се одложува, изјави заменик министерот Рендевски.
Активностите во насока на поттикнување вакцинација реализирани изминатиов период докажуваат дека различни приоди се успешни во различни заедници и затоа треба да се продолжи со активности по мерка на специфичните потреби на локалните жители, со цел да се обезбеди лесен пристап до вакцини и веродостојни информации за КОВИД-19. За време на караванот во Ново Село се вакцинираа дури 50-тина лица во еден ден; во Шуто Оризари се вакцинираа вкупно 35 лица, а за споредба само четири лица примиле вакцина во периодот од две недели пред овој настан. За време на настаните организирани во рамки на караванот досега се вакцинираа повеќе од 200 лица.
Караванот и другите насочени интервенции придонесоа кон поголем интерес за заштита од КОВИД-19. Минатиот петок здравствените домови пријавија над 11 отсто зголемување во просечниот дневен број вакцинации во нивните објекти, во споредба со претходната недела.
– Јас ги имам примено сите вакцини и ги охрабрувам сите што ги исполнуваат условите да се вакцинираат. Докажано е дека вакцините против КОВИД-19 се безбедни и ефикасни. Помагаат да се запре ширењето на болеста и нудат силна заштита од тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт поради инфекција со КОВИД-19. Затоа ги поддржуваме активностите како што е овој караван, за да се допре до повеќе луѓе, особено до ранливите и ризични групи, рече претставникот на УСАИД, Јановски.
Од Министерството за здравство посочуваат дека со партнерите ќе продолжат да работат на откривање на бариерите што го отежнуваат вакцинирањето против КОВИД-19 во различните заедници и ќе бараат начини за надминување на тие бариери преку прилагодени комплементарни активности што ќе ги донесат вакцините и информациите поблиску до граѓаните, особено до ранливите сегменти на населението.
– Високите стапки на вакцинација во некои држави и релативно послабиот интензитет на симптоми на Омикрон наведуваат кон создавање опасни заблуди дека пандемијата е завршена, што не е точно. Единствениот одржлив излез од пандемијата е постигнување висока стапка на вакцинација во сите држави, со посветување особено внимание на опфатот на најранливите лица, обезбедувајќи заштита од тешка форма на болест предизвикана од КОВИД-19 за сите семејства и безбедна средина за децата“, рече заменик – претставникот на УНИЦЕФ, Ајвазов.
Министерството за здравство го почна караванот за заштита од КОВИД-19 со поддршка од УСАИД, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Караванот почна во Шуто Оризари на 21 март и ќе продолжи утре (сабота) со посета на Кичево, а ќе заврши во Струга на 3 април. Покрај активностите организирани во рамки на караванот за вакцинирање, граѓаните може да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот. Пунктот за вакцинирање во Поликлиника Букурешт во Скопје е отворен до 20 часот од понеделник до петок, стои во соопштението.