Со цел да се спречи злоупотреба и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес, јавно осветлување, изјави на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, по седница на Влада.
Тој потенцираше дека одлуката е донесена поради тоа што, како што рече, сознанијата велат дека општините основале јавни претпиријатија или дејности, јавно осветлување или ја доделиле на постоечки јавни претпријатија.
– Тоа што го кажавме на почетокот на годината веќе се признава и од страна на одредени градоначалници. Имаме носено одлуки во Совети на одредени градови каде што е направена штета во првите шест месеци во вредност од 30 милиони евра и тоа требаше да биде на грбот на граѓаните, појасни министерот за економија Крешник Бектеши за одлуката. (МИА)