На денешното рочиште за судењето за организацијата на настаните од 27-ми април обвинителката Вилма Рускоска повторно се соочи со неможност да ги докаже своите тврдења од обвинението.
Сведокот Стефан Младеновски во своето сведочење, меѓу другото, кажа дека сѐ било координирано од Нинџа и упадот во Собранието се случил по негов налог. Младеновски никаде не спомена дека протестите и настаните биле организирани од политичка партија, а индикативно е што и Вилма Рускоска не поставуваше дополнителни прашања во таа насока, веројатно свесна дека за докажување на нејзините тврдења од обвинението ќе мора да се потпре на „столбот на нејзиниот случај“, Александар Василевски Нинџа.
Токму вчера се појави информацијата дека Нинџа бил повикан од Рускоска на разговор во обвинителството и бил донесен таму од затворот од Штип каде ја издржува 8-годишната затворска казна која ја доби на судењето за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, казна која е 2 години под минималната.
Тогаш јавноста шпекулираше дека ваква казна под минималната Нинџа добил затоа што „ги пополнуваше дупките во обвинението на Рускоска“. И судијката Добрила Кацарска во огромен дел од својата пресуда се потпира токму на кажаното од Александар Василевски Нинџа. Нинџа има историја на „сведок-соработник“ со обвинителството и судот поради што добивал значително помали казни од делата за кои се товарел.
Јавноста памети дека токму Василевски после 12 години откако сведочеше во случајот „Ровер“ изненадувачки се сети на нови детали за случајот кој заврши со осудителни пресуди за повеќе обвинети токму поради неговата „освежена меморија по 12 години“.