Судството во Македонија се претвора во лакрдија. Наместо реформи, секојдневно гледаме фарси. Правдата е селективна, а законите не важат исто за власта и оние кои не размислуваат како СДСМ, обвинува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
– Денеска по којзнае кој пат судот го одложи рочиштето во кое што Премиерот Зоран Заев се товари за кривичното дело „Поткуп“. Ова го гледаме веќе три години. Не може да се одржи рочиште за обвинение во кое првиот човек на владата бара мито од 200.000 евра. Да не беше трагично ќе беше смешно. Медиумите пред подолго време објавија и дека судечкиот судија не ни побарал камера за да се снима рочиштето, како однапред да ја знае агендата на Заев. Сомнежот беше повеќе од очигледен дека и ова рочиште ќе се одложи. Доколку е така се поставува прашањето зошто некој ја влече за нос јавноста и глуми неселективна правда, закажувајќи рочишта во денови кога се знае дека ќе бидат одложени? Зошто едноставно не го прашаат обвинетиот Зоран Заев дали сака и кога сака да биде суден? Изгледа смешно, но македонското судство е навистина паднато на вакви гранки. Впрочем, обвинетиот Заев самиот се назначи да го води телото кое треба да ги спроведува и надгледува реформите во правосудството. Зоран Заев и зборува на јавноста за реформи во судството на излегување од судница, каде му се одложува рочиште во кое што е обвинет за поткуп, вели Нацев.
Тој посочува дека иронијата не може да биде поголема.
-Зоран Заев, мртов ладен на новинарите им вели дека е разочаран од сервилноста на судиите и обвинителите, кои се тепале да му служат, но сепак не му пречи кога ги одложуваат неговите рочишта и кога одработуваат за него. За волја на вистината, овие судии и обвинители ризикуваат и сериозни повреди од тепањето за да му служат со оглед на десетиците одложувања на рочиштата против Заев. Правдата што важи за Заев не важи и за останатите. Додека на обвинетите во предметите на СЈО им се закажуваат и по неколку рочишта во една недела, рочиштата на Заев се закажуваат еднаш месечно. Додека на осомничените за 27-ми април неосновано им се изрекуваат притвори, а нивните жалби се разгледуваат 5 дена пред да истече 30 дневниот притвор, се толерираат разно разни средби на Заев со секретарки и вработени по амбасади и негови патувања во странство. Заев патуваше и во Сараево и во Тирана и каде се не, а судот врз основа на разгледниците ги одложуваше рочиштата. Обврската да се јавуваат на поканите на судот очигледно важи само за обичниот граѓанин и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека за Заев важат други правила. Доколку било кој друг граѓанин досега го влечеше судот за нос и не се појавуваше на рочиштата во кои е обвинет ќе беше насилно приведен и притворен, истакна Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека животот дојде и во судовите, но само за Заев.