Меѓу 10 и 16 илјади сообраќајни несреќи годишно во изминатите шест години се решени преку примена на Европски извештај. Бројот на несреќи решен на ваков начин, откако се применува Европскиот извештај во Македонија, од година во година се зголемува. Граѓаните во поголем дел го прифаќаат кај сообраќајките со мала штета, иако има и такви со негативно искуство. Европскиот извештај е воведен во 2005 година, но почнува повеќе да се применува од 2010 година.
Статистиките од Националното биро за осигурување покажуваат дека во 2012 година со примена на Европски извештај се решени 10.908 сообраќајни несреќи, во 2013 – 12.571, во 2014 – 13.148, во 2015 година 13.541, во 2016 – 13.044 и во 2017 година е забележан раст од 27 проценти во однос на претходната година и бројот на сообраќајни несреќи во кои е применет Европски извештај изнесува 16.614.
Европскиот извештај се пополнува во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета. Под „мала материјална штета во сообраќајна незгода“ се подразбира штета настаната на објекти и на возила на кои не им се оштетени виталните делови за управување и за запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот.
Возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, откако ќе го пополни и потпише Европскиот извештај за сообраќајна незгода, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот. Прекршочен платен налог во износ од 250 евра, во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот-учесник во сообраќајна незгода кој постапува спротивно од наведената одредба.
Возачите кои учествуваат во сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.
Европскиот извештај не претставува признавање вина и не значи дека меѓу возачите е постигната согласност за вината во сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина, туку служи единствено за утврдување на фактичката состојба.
„Европскиот извештај – Извештај за сообраќајна незгода“ е образец изготвен од Националното биро за осигурување на Република Македонија. Истиот се добива бесплатно од друштвото за осигурување при склучување договор за задолжително осигурување (полиса) и на неговата задна страна содржи упатство за употреба во кое детално се наведени начинот и условите за негово користење.
Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот велат дека и покрај тоа што во Република Македонија Европскиот извештај се применува уште од 2009 година, многу често граѓаните се во дилема дали да се повика полиција или да се пополни Европски извештај и дали, кога и како се користи Европскиот извештај.
Осигурителнен брокер во Македонија посочува дека Европскиот извештај може да се примени при случена сообраќајна несреќа со помали штети, односно и двете возила да се подвижни, да можат да го напуштат местото на несреќата. При тоа појаснува дека за да може тој да послужи во решавање на штетата треба учесникот кој е виновен за случената несреќа да го признае тоа и да напише дека тој е виновен за незгодата. Потоа двете возила треба да одат во компанијата, да се направи реконструкција на случената несреќа и да се пополнат формулари и друга документација за да може да се исплати штетата на оштетениот во сообраќајкната.
Посочува дека граѓаните не со многу волја го прифаќаат како решение и пристапуваат кон него по укажување дека со интервенција на полицијата ќе следуваат и казни и укажува дека граѓаните учесници во сообраќајки кои пристапиле кон примена на Европски извештај се соочуваат со одредени проблеми.
– Од мое искуство имам случаи во кои и по потпишување на записникот, лицето кое е виновно за незгодата не се јавува на телефон, избегнува да дојде за реконструирање на незгодата, не ја признава вината или други проблеми кои го оневозможуваат правото на лицето за надомест на штетата, па затоа граѓаните не се баш приклонети кон ваквиот начин на решавање на штетите, вели осигурителниот брокер.
Тој потенцира дека има недоследности и од страна на осигурителните компании, кои, како што појаснува на разни начини го толкуваат Европскиот записник за да избегнат плаќање на штетите.
– Како пример би го одвоил толкувањето на тоа што е „мала штета“, бидејки овој записник се применува само во такви случаи. Имено компаниите имаат некои лимити во евра до кои ја сметаат незгодата за мала штета и тие се разликуваат од компанија до компанија и се движат од 250-750 евра. Граѓаните ретко кога можат да знаат за колкава висина на штета се работи бидејки се до одење во сервис не можат да ја знаат висината на сумата за поправка на возилото, па често се наоѓаат во ситуации сами да доплаќаат за поправката, вели осигурителниот брокер, кој додава дека побарале мислење од надлежен орган во МВР при што добиле образложение дека мала штета е штета во која не се оштетени виталните делови на возилото, и по која истото може да се стави во погон и да се вклучи во сообраќајот без проблем што значи висината на сумата за поправка не е пресудна за именување на мала штета, посочува осигурителниот брокер од Скопје.
Велешанец кој направил сообраќајка на автопатска делница се соочил со проблем да не може да го примени Европскот извештај бидејќи со лицето со кое се договорил и потпишал Европски извештај за случената сообраќајна несреќа потоа не можел да стапи во контакт.
Сепак бројките покажуваат дека во голем број од сообраќајните несреќи Европскиот извештај се применува. Па има и такви кои велат дека е прифатливо и се стигнува до брзо решавање.
Меѓу придобивките од користењето на Европскиот извештај се намалување на сообраќајниот метеж после случена сообраќајна незгода со мала материјална штета, побезбедно одвивање на сообраќајот, брзо и ефикасно обесштетување на оштетените странки, помалку административни процедури и заштеда на време и пари и намалување на можноста за дополнителни санкции…
Европскиот извештај не може да се примени во ситуација на сообраќајна несреќа со мала материјална штета доколку едно од возилата нема регистарски таблици или не е осигурано, едно од возилата има странска регистарска таблица, ако еден од возачите е под дејство на алкохол, дрога или други прихотропни супстанции, еден од возачите не поседува дозвола, на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција во возачката дозвола – забрана за управување со моторно возило, еден од возачите одбива да даде свои лични податоци, односно податоци за возилото, еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода и ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.
Сузи Котева Стоименова за МИА