На 33 пунктови во10 градови низ Македонија денеска ќе се одржи првиoт настан од националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ за собирање на храна. Акцијата ја организира мрежата „Сите сити“, која е дел од граѓанската инцијатива „Мрдни со прст“.
Организаторите препорачуваат граѓаните да донираат храна која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
– Првиот настан ќе почне во 10 часот и ќе трае до 19 часот на повеќе локации во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Наша амбиција е секој месец да се случува оваа акција, и да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно, вели Блаже Јосифовски од „Сите сити“.
Граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ ја поддржа Националната хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна, која е во организација на мрежата „Сите сити“, а чиј идеен творец е Асоцијацијата „Ајде Македонија“.
Целта е да се подигне свеста на граѓаните за проблемот со недостаток на храна со кој се соочуваат многу граѓани во нашата земја, како и да се креира можност редовно да се донира храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на оние на кои им е најпотребна.
Дел од организациите вклучени во овој проект работат со бездомни лица, и за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. Останатиот дел од организациите се задолжени да ја дистрибуираат храната до социјално загрозените семејства и до старите изнемоштени лица до нивните домови.
Акциите ќе се случуваат на следниве локации:
Сити Мол Скопје, Трговски центар Зебра – Капиштец, Гиго маркет – Радишани, Веро Џамбо – Скопје, Гиго маркет Драчево, Тинекс на бул. Борис Трајковски (Првомајска), Народна кујна при црквата Свети Петар и Павле, Тинекс Ѓорче Петров, Кит-Го маркет Автокоманда, С-маркет во Ченто (Синѓелич), во близина на Капитол мол (Аеродром), Тинекс пред Драмскиот театар во Скопје, Тинекс на ул. Асном б.б. Во Битола, Тинекс на ул. Захарија Шумљанска 5 (Прилепска) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 2 (на ул. Коле Неделковски б.б.) во Битола, Веро Горно во Битола, Пред Беком Јавор во Битола, Тинекс (центар) во Куманово, пред Елида маркет (кај Стопанска банка) Куманово, на плоштадот во Прилеп, кај споменикот на Марко Цепенков во Прилеп, Пред Тинекс маркет во Кочани, пред автобуската станица во Кочани, Маркет Здравец (до главната пошта во Струмица), кај техничкото училиште-Никола Карев (Струмица), на плоштадот Гоце Делчев во Струмица, плоштадот во Радовиш, пред ЕТЦ маркет во Гостивар, пред Монтенегро мегамаркет, во центарот на градот во Гевгелија, Централ Макпрогрес (кај стариот плоштад) во Виница и пред Жито Маркет во Виница
Според Државниот завод за статистика во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445.099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26.000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.
Според најновата студија на „Програмата на Обединетите Нации за животна средина“ (УНЕП), една третина од произведената храна во светот или околу 1.3 милијарди тони завршува како отпад. Македонија и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, не се разликува од трендовите во развиените земји на фрлање храна. Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите.
МИА