Со продлабочување на пандемијата на коронавирусот, станаа подлабоки и маките на македонските граѓани и фирми.
Многу луѓе останаа без работа, многу работници не земаат плата или им се исплаќаат ниски суми. Компании доживеаја колапс откако почна кризата. И наместо државата да им помогне на најпогодените, најголемите суми на пари си ги префрла на своите поранешни челници.
ИГМ Еленица Струмица е едно од многуте претпријатија добитници на државна помош за исплата на минимални плати за време на кризата предизвикана од корона вирусот. Со акционерско друштво за индустрија за градежни материјали управува братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев, додека Вице Заев, братот на актуелниот претседател на владеачкиот СДСМ, е Член на Управниот одбор, објави вчера порталот ФАКТОР.
-Опозицијата од секогаш оваа фирма ја поврзуваше со поранешниот премиер, за што Заев и во јавноста не негираше дека компанијата е дел од заедничкиот семеен бизнис како и неколку други такви. „Отворени финансии“ покажа дека на 14 мај на сметката на ИГМ Еленица од Владата на РМ и биле исплатени 841.000 денари државна помош за плати за месец април. Пресметано, тоа се минимални плати од 14.500 денари за 58 вработени, пишува порталот.
Компании на доскорешни владини функционери, приватни болници, обложувалници, казина, странски инвеститори, приватни училишта и универзитети, медиуми, винарски визби, текстилни фабрики, дури и религиски заедници.
Телма дојде до листата на фирми кои добиле финансиска помош од државата за исплата на априлската плата од 14.500 денари за справување со последиците од Ковид 19.
Државни пари – околу 106.000 евра легнале на сметката на Брако од Велес, каде што се врати поранешниот вицепремир Кочо Анѓушев откако одлучи да се посвети на бизнисот наместо на политиката.
На листата со фирми кои имале големи исплати е и Аџибадем Систина на Орце Камчев која добила 142.000 евра.
Заеви и Анѓушеви уживаат во своите богатства и нивните бизниси со сигурност останаа недопрени од кризата. Но, Владата на СДСМ исплати “помош“ и на нивните, веќе милионски сметки.
Од друга страна, народот продолжи да тоне во сиромаштија, а компаниите да ги спремаат клучевите за вратите бидејќи не можат да го понесат финансискиот терет додека Владата им исплаќа мизерна помош.