По полноќ Собранието ја констатираше оставката на Насер Нуредини од ДУИ. Останува уште да биде констатирана оставката на Јагода Шахпаска со што ќе биде комплетирана листата на пратеници кои се откажаа од пратеничкиот мандат за да бидат дел од новата влада.
Констатирани се оставките на Заев, Љупчо Николовски, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Мила Царовска и Никола Димитров.
Наместо нив, беа верификувани мандатите на новите пратеници – Драгица Ѓавочанова, Зекир Рамчиловиќ, Белкиса Зеќири, Славјанка Петровска, Снежана Калеска-Ванчева и Мирослав Богдановски.
Констатирањето на оставките на идните министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници се одржува на посебни собраниски седници. По констатирањето на оставката, се поднесува информација до Државната изборна комисија која потоа испраќа извештај до Собранието со името на новиот пратеник по што следува верификацијата на неговиот мандат во собраниската сала.
Седниците се одржуваат без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.