понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Неделава рочишта за четири предмети на СЈО

Неделава рочишта за четири предмети на СЈО

Рочишта за четирите предмети на Специјалното јавно обвинителство, „Триста“, „Титаник“,  „Насилство во општина Центар“ и „Т.Н.Т“ се закажани неделава во Кривичниот суд.

За среда е закажано рочиште за  „Титаник“,  што е прв случај обелоденет од СЈО. Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година. 

Во четврток на обвинителна клупа ќе седнат обвинетите во случаите „Триста“ и „Насилство во општина Центар“.

Во предметот „Триста“ обвинет е Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Во Кривичниот суд закажано е судење и за одвоената постапка во предметот  „Насилство во општина Центар“. Обвинетите во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На обвинителна клупа во петок повторно ќе седнат и обвинетите во предметот „Т.Н.Т“, што се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски.

Најнови вести