Од утре почнуваат да течат уставните рокови, според кои шефот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатар ќе биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери утре на собраниска седница ќе ја констатира оставката што денеска треба да ја поднесе премиерот Зоран Заев. Висок функционер од Владата брифира дека лидерот на СДСМ и иден мандатар Димитар Ковачевски до 10 јануари ќе ги достави до Собранието програмата и новиот владин кабинет, а изборот на владата се најавува да биде на 17 јануари.
Според наши информации, Заев оставката нема да ја депонира лично туку до Собранието ќе ја испрати по курир. Џафери на собраниската седница, освен оставката на Заев, ќе ја констатира и оставката на потпретседателот на Собранието Фадил Зендели од опозициската Беса. По ова, Џафери ќе ја затвори седницата и пратеничките прашања нема да се одржат бидејќи по оставката на премиерот во оставка е и целата влада.
Од утре почнуваат да течат уставните рокови, според кои шефот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатар ќе биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој во рок од 20 дена е должен да му поднесе на Собранието програма за работа и состав на новата влада. Но според информациите, се очекува целата постапка да се забрза и Македонија да добие нова влада предводена од Ковачевски веќе на 17 јануари.
Официјално на „Илинденска“ веќе нема да бидат министрите за одбрана, за здравство и за образование Радмила Шекеринска, Венко Филипче и Мила Царовска. Речиси е извесно дека Бојан Маричиќ од правда се сели во фотелјата на Никола Димитров како вицепремиер за европски прашања. Во владата останува и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Сè уште е неизвесно дали Оливер Спасовски ќе остане министер за внатрешни работи. За транспорт и врски се споменуваат Петре Шилегов и Хари Локвенец. Советникот на Заев, Милан Живковиќ, е можен наследник на Јагода Шахпаска во Министерството за труд и социјала. Засега нема информации кои се новите министри во образование и во култура (по најавите за смена на Ирена Стефоска). Нема потврда ни дали директорката на УЈП Сања Лукаревска ќе биде дел од новиот владин кабинет, иако Ковачевски ја планира. Се шпекулира дека вицепремиерот Љупчо Николовски може да седне во фотелјата на Шекеринска во одбрана.
Во ДУИ ќе нема промена на ресорите освен Јетон Шаќири, кој од информатичко општество сега ќе треба да раководи со земјоделие.
Алтернатива ги доби ресорите за здравство, за информатичко општество и министер без ресор одговорен за дијаспората.