вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Новиот амбасадор во САД, Зоран Попов го помина собранискиот филтер

Новиот амбасадор во САД, Зоран Попов го помина собранискиот филтер

Со презентацијата на тезите во Парламентот завршени се сите процедури за заминување на амбасадорот Попов на дипломатската мисија во Вашингтон. Агреманот за Попов од Вашингтон беше добиен пред околу еден месец и тој заминува во амбасадорската мисија од функцијата државен секретар во Министерството за надворешни работи (МНР)
Новоименуваниот амбасадор на Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави, Зоран Попов, денеска го помина и филтерот на собраниската Комисија за надворешна политика.

Тој своите тези за дипломатската мисија во САД ги презентирање пред Комисијата за надворешна политика, зад затворени врати, поради како што истакна претставник на МНР, доверливиот карактер на информациите. Неговото излагање можеа да го проследат само пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати.

Со презентацијата на тезите во Парламентот завршени се сите процедури за заминување на амбасадорот Попов на дипломатската мисија во Вашингтон.

Агреманот за Попов од Вашингтон беше добиен пред околу еден месец и тој заминува во амбасадорската мисија од функцијата државен секретар во Министерството за надворешни работи (МНР).

Со неговото заминување во САД, ќе се пополни едно од најважните амбасадорски места за нашата дипломатија кое беше празно веќе четири и пол години. Последен македонски амбасадор во Вашингтон беше Васко Наумовски во периодот од 2014 до 2018 година.

По затворениот дел, седницата на Комисијата беше прекината заради пленарната собраниска седница. Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

Покрај амбасадорот Попов, пред членовите на Комисијата своите тези за дипломатските активности треба ди ги претстават и новите амбасадори во Канада, Агрон Буџаку, во Кралството Норвешка, Дритон Куќи, во Република Словачка, Евгенија Илиева, како и вонредниот и ополномоштен амбасадор на земјава во Кралството Белгија, Методија Белевски.

МНР информира дека за уште тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување на седница на Комисијата за надворешни работа за нив ќе биде пратена во скоро време. Станува збор за Виктор Димовски кој ќе биде амбасадор во Франција, Агнеза Руси во Бугарија и Јован Манасијевски во Турција.

На седницата на собраниската Комисија за надворешна политика претходно, денеска, едногласно беа усвоени Предлог-законите за ратификација на Протоколите кон Северноатлантскиот договор на Кралството Шведска и Република Финска.

Поддршка за зачленувањето на двете скандинавски земји кон НАТО дадоа пратениците и од власта и од опозицијата, оценувајќи дека станува збор за две пријателски земји кои отсекогаш и давале поддршка на Република Северна Македонија од нејзиното осамостојување, како и за нејзините евро-атлантски аспирации. Предлог-законите за ратификација на протоколите треба утре да се најдат на пленарна седница.

Најнови вести