За време кога сегашната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз на чело со премиерот, Зоран Заев беа во опозиција, ги повикуваа граѓаните да гласаат за нив ветувајќи брда и долини. На македонските граѓани им ветуваа дека, кога тие ќе ја преземат власта, ќе доведат живот за сите во Македонија, дека граѓаните ќе имаат повисок животен стандард, повеќе пари кај нив, просечна плата од 500 евра.
„Еве овде во овој План за живот во Македонија се содржани сите ваши планови за вашите животи. Затоа што Планот го пишувавме заедно. Затоа што овој план заедно го поставивме на наука, историја и факти. Затоа што го зедовме најдоброто од светот за да го донесеме светот во Македонија. За децата да ни се вратат од странство, за и ние да го видиме нашиот живот, нашиот добар живот, овде. Ова е план за повисоки плати, за просечна плата од 30.000 денари – наместо гола сиромаштија на над 500.000 луѓе“, велеше Зоран Заев во пресрет на парламентарните избори 2016 барајќи ги гласовите на граѓаните.
И навистина, голем дел од граѓаните му поверуваа и се залетаа на декемвриските избори да гласаат за опцијата која ја предводеше Заев. Можеби не во доволен број за да победи на изборите, но тој са таквите ветувања за живот во Македонија успеа да акумулира добар дел од македонските гласачи и со тоа, по број на освоени гласови, да биде веднаш зад тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ.
И како губитник на тие избори, Заев на први јуни ја формираше новата Влада и го презема раководството со државата. Од тогаш до сега, четири години подоцна, Заев го тера вториот премиерски мандат од после изборите во јуни минатата 2020 година, на кои избори ветуваше уште повеќе пари кај граѓани и уште повисоки плати, како на пример минимална од 20 илјади денари и просечна од 34 илјади денари.
Но, што навистина добија граѓаните откако Заев е веќе цели четири години на власт и веќе го троши вториот мандат? Вистината е дека животот во државата стана се поскап, трошоците растат, синдикалната кошница секојдневно расте, платите стагнираат, а луѓе губат работни места.
Минималната синдикална кошница за април месец е скоро 34 илјади денари, односно 33.978 што би значело едно четиричлено семејство со двајца вработени родители на минимална плата која во моментот изнесува 15 илјади денари, немаат доволно пари да ги покријат основните месечни трошоци.
Цените на прехранбените производи секојдневно растат, државата и официјално веќе е во инфлација која ја потврдуваат како светските релевантни институции така и домашните. И гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска потврдува дека Македонија е во инфлација, потенцирајќи дека е во умерена форма.
Како последица на економската криза која ја зафати државата поради пандемијата со корона вирусот, неофицијалните податоци зборуваат дека над 60 илјади граѓани ги загубија работните места. Тоа прави македонците уште потешко да живеат.
Од друга страна, за да се справата со последиците од економската и здравствената криза, власта ја задолжи државата са над една милијарда евра, со што јавниот долг, кој треба да го плаќаат македонските граѓани надмина над 60% од бруто домашниот производ.
Од оваа денешна дистанца може слободно да се каже, македонските граѓани со Зоран Заев кој е четири години на власт и кој веќе го ситни вториот премиерски мандат, добија место „живот за сите“, крпен и скап живот на вересија. Државни долгови кои граѓаните, сегашните и идни генерации треба да ги враќаат.