Слика како од некој најголем детски кошмар е првиот впечаток на екипата на КУРИР при обиколка на Луна Паркот кој скопјани никако да го добијат.
Откако оваа пролет градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов ја стопираше изградбата на Луна Паркот тој остана само најголем детски сон за најмладите.
Причината за стопирање на Луна Паркот според Шилегов би ги заштедила планираните финансиски средства од градскиот буџет, иако ова е спротивно на неговото ветување за време на предизборната кампања минатата година.
На новинарско прашање на редакцијата на КУРИР од градот Скопје информираат дека се работи на изготвување на нов проект и нов концепт за Луна Паркот, преку барање на јавно приватно партнерство со надворешен соработник.
-Работиме на тоа од наредната сезона најмладите жители на Скопје повторно да имаат модерен, забавен парк.
Сепак сликата на терен е друга, речиси невозможно е од идната сезона како што јавуваат од градот да се оствари сонот на најмладите.
Од ВМРО-ДПМНЕ неодамна потенцираа дека да не се стопираше изградбата на Луна Паркот тој ќе беше готов дури во јуни годинава.
Градоначалникот веќе со месеци не одговара и на нивото поставено прашање Дали зад стопирањето на градбата се кријат нечии бизнис интереси?
-За Луна паркот кој започна да се гради од минатиот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Трајановски отпочнати се градежни работи во вредност од 4 милиони евра. Тие пари се инвестиција на Градот Скопје. Шилегов сето ова го стопираше и наместо да го дофинансира проектот тој реши дека ќе бара јавен приватен партнер. Да не се стопираше проектот до јуни годинава Скопје ќе имаше нов Луна парк. Самото ова отвора и сомнеж дека можеби се работи за вносна зделка каде некому ќе му припадне инвестиција за која градот веќе вложил 4 милиони евра? И второ, нема никаква сигурност дека навреме ќе се реализира проектот и дали всушност можеби тој простор ќе се пренамени за нешто друго со цел остварување на бизнис интереси. И дали Шилегов е сигурен дека овој Луна парк ќе се изгради? Едно е сигурно, највеќе губат граѓаните и најмладите од стопираниот Луна парк бидејќи Скопје сега нема никаков парк за забава и разонада. Дополнително Скопје ова лето осатнува и без простор за летни дискотеки за младите што ја потврдува негрижата на градот за младите луѓе, потенцираа од партијата на нивна прес-конференција уште во април годинава.
Инаку пред да го запре градењето на Луна Паркот во март минатата година пристигнаа првите седум реквизити за новиот парк што сега некаде фаќаат прашина.
Луна Паркот започна да го гради минатиот градоначалник на Скопје Коце Трајановски кој им вети на граѓаните нов забавен парк по 44 години.
Во проектот беа најавени 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски реквизити.