Скопскиот градоначалник Петре Шилегов не отстапува од новогодишното украсување на главниот град, иако голем број граѓани бараа истото да се откаже или барем поголем дел од планираните 200.000 евра да се пренаменат на помош и донација на граѓаните.
Еден од многубројните апели пристигна и од отецот Оливер Петровски.
-Почитуван Петре Шилегoв, татко на нашиот главен град. Внимателно ја прочитав Вашата изјава за новогодишното украсување на Скопје и делумно се согласувам со Вас. Но… Зар не може БАРЕМ да се намалат средствата за украсување и дел од тие средства да се употребат за да се нахранат гладните, да се платат сметки на социјално загрозените категории, да се плати лекување и спаси живот? Сведоци сме на илјадниците апели кои кружат низ социјалните мрежи. Една од нив е и мајка на две МАЛИ дечиња која моли за лекување и спас на нејзиниот живот за само 37.000 евра… Зар не може да се намали украсувањето за таа сума и на нејзините деца да не им се ускрати детството и радоста? Може, ако се сака.. Ве замолувам како родител, како хуманист и како човек: помогнете да го спасиме животот на Елизабета. Бог да ве благослови!!!, пишува Отец Оливер.