Живот спакуван во куфери, спомените во торби. Куферите и обични и детски. Аеродромите полни, билетите се за во еден правец. Солзи и прегратки по автобуските станици од каде тргнуваат автобусите исполнети до последно столче. Дестинациите различни, само далеку од дома.
Белата чума ја покосува Македонија. Голем број на граѓани, секојдневно, со пасошите во рака си ја напуштаат родната грутка. Заминуваат во потрага по достоинствен живот. Не бараат луксус и целта не им е прошетка во странство. Водат борба за егзистенција, за себе и своето семејство.
Статистиката е поразителна и испраќа гласен аларм кој допира до сечии уши, освен до оние од „Илинденска 2“. Истите тие луѓе, Заев и неговите сопартијци, сега молчат за иселувањето и се фалат со непостоечки чекори. Чудно, но од „Бихаќка“ кога беа во опозиција, многу гласно зборуваа за овој проблем кој ја тишти Македонија.
Си ги заборавивте чевлите!
Активисти на СДСМ, под превезот на партијата, за овој проблем беа “екстремно загрижени“. Не беше тоа толку одамна, за денес да глумат дека заборавиле зошто во 2016-та на дождот изнесоа патики, штикли и чизми. Велеа дека изразуваат револт за масовното иселување.
Дел од тие протестанти денес се на функција сместени од актуелната Влада, па денес тие молчат. Друг дел од нив се придружи на толпата која заминува, па и тие, разочарани што животот кој им го ветуваа не дојде, решија да заминат. Овој факт е доволен доказ дека останатиот дел тогаш не воделе социјална, туку партиска битка со невидлив противник.
Мала е денес „Илинденска“ ако треба да се редат чевлите на секој македонски граѓанин кој во солзи со најблиските го кажува тешкото “збогум“.
Актуелната Владина гарнитура, сега нема официјални податоци за бројот на иселени, но во времето кога беше опозиција зборуваше за конкретни бројки, кои одеа до неверојатни 600 илјади луѓе иселени од земјата. За тоа ја обвинуваа тогашната власт во која беше и нивниот сегашен коалиционен партнер ДУИ.
Велеа дека кога власта ќе се промени, младите ќе се вратат во Македонија. СДСМ е на власт трета година, а од битката која ја водеа да ги вратат иселените млади, останаа само чевлите.
Заев пред избори: Децата да ни останат во Македонија, за тоа ќе се избориме!
-Најголемата болка на сите нас е нашите деца да останат овде. Јас имам ќерка средношколец, син во основно образование. Мојот план како родител е децата да се запишат на високо образование овде во Македонија, кога ќе завршат да се вработат овде во Македонија, да основаат свое семејство овде во државата, да ги гледам и моите деца и моите внуци овде околу мене. Сигурно тоа го посакува секој родител за своето дете. Јас го посакувам за сите наши деца, да останат овде, да гледаат живот овде во Македонија! Тоа е нашиот план! Имаме План за живот во Македонија, рече лидерот на СДСМ.
Чии деца видоа живот во Македонија?
„Болката“ по заминатите кај премиерот траеше толку многу долго, додека да дојде на власт. Потоа заборави што ветувал, што го болело, каков план имал подготвено.
Статистиката која е повеќе од загрижувачка говори дека во Македонија 500.000 граѓани се сиромашни. Половина милион македонски граѓани живеат тешко, не гледаат никакви подобрувања и се соочуваат со лажните ветувања за 500 евра плата, подобро здравство, подобро образование, намалување на цените…..
Официјалните бројки, секако се кријат. Но, тоа не се само бројки за да можат да се премолчат, тоа се луѓе, граѓани, со семејство и идентитет.
„Не би заминал никогаш, но сега морам“
Еден од нашите соговорници лани замина во Германија. Оваа држава е една од најатрактивните кога нашите сограѓани одлучуваат да заминат.
Бројот на македонски државјани кои се иселуваат во Германија од година во година повторно се зголемува.
Податоците на германското Биро за статистика велат дека во 2018-та година, во оваа европска земја среќата ја побарале 18.478 македонски државјани, од кои 7.812 не се вратиле во својата земја.
„Отидов сам. Најдов привремена работа преку пријатели Македонци кои одамна се тука. Прво сакав да поработам 6 месеци, да соберам некоја сума добра и да се вратам дома. Но, ја следам состојбата во државата каде го оставив семејството. Јас морам да останам тука, да работам за нив. Планот да поработам и да се вратам стана план да средам со документи и тука да си го повлечам цело семејство. Никогаш не би заминал доброволно, сега морам. Таму нема основни услови за живот“, вели еден иселеник од Скопје.
„Ми понудија работа каква што кај нас не можам да добијам без партиска книшка“
-Заминав на студии во Италија за меѓународно право. Целта ми беше да завршам со образованието и да си се вратам дома. Уште 2 испити имав до крај, ме викнаа од универзитетот и ми понудија работа. Не ја прифатив бидејќи сакав да работам и живеам во Македонија. Се вратив лани во октомври. Цела година аплицирав за работни места кои се барем блиски до мојата професија. На најголем дел од огласите каде пратив апликација, не ме ни повикаа на разговор. Најверојатно, огласите се пуштени колку да поминат, а на тоа место веќе има вработено луѓе. Конечно бев викната на разговор во сериозна фирма, барем така мислев. Ми понудија работно место со плата од 16.000 денари. Одбив. Дознав дека на едно од местата за кои аплицирав е вработено лице со завршено само средно образование, но бил партиски активен, така ми кажаа. Јас разговарав со моите родители, го контактирав универзитетот во Италија, се спакував и се вратив назад. Работам по струка, одлично сум платена, почитувана, вложуваат во мене за обуки и усовршувања. Со солзи си заминувам секој пат кога ќе дојдам во посета на моите. Но, немам намера да се вратам во блиска иднина, вели друга наша соговорничка од Скопје.
„Не се празнат семејства, туку цели градови“
-Како некоја морбидна шега, мојот роден град Делчево, последниве години го нарекуваме „град на духови“. Куќите празни, улиците празни. Младите си заминуваат во толпи, не еден по еден. А што би правеле тука? Работа нема, а ако најдеш очекуваат да бидеш задоволен со 200 евра плата. Јас сум семеен човек, со две дечиња. Што да правам со 200 евра? Заминав пред неколку месеци. Не дека сакав, туку немав избор. Душата ме боли по семејството, по старата мајка, по сопругата и децата. Но, за нив сум овде. Да не се мачат тие таму, јас овде ќе се мачам. Дали би се вратил? Во вакви услови никако! Во Македонија секој ден се живее потешко и потешко. Дојдоа, излажаа да ни ги земат гласовите и толку. Нивните деца одат по луксузни одмори, трошат пари, уживаат. Моите ме гледаат на камера на телефон и плачат, раскажува друг иселеник.
Во нивната програма „План за живот“ на стр. 127 пишува – „Справување со младинската невработеност, како главна причина за масовното иселување на младите и одливот на мозоци од државата“.
Додека пак во истата програма на стр. 239 пишува – „На соседите ќе им предложиме договори за развој на пограничните региони, отворање на нови и ревитализација на постојните гранични премини. Заедничката цел ќе биде слободно движење на граѓаните, запирање на иселувањето и развој на локалната економија“.
Не се врати никој. Само, секојдневно, заминуваат нови граѓани. Македонија станува празна.
Актуелната Влада, според сите досегашни податоци, со прст нема мрднато да ги врати младите во Република Македонија. Напротив, создава услови за живот од кои сите бегаат. Услови во кои не се живее и не може да се живее.
И.Ефремовски