сабота, 3. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Паника во СДСМ – има ли живот после власта?

Паника во СДСМ – има ли живот после власта?

Не знам што се случува со операцијата „Метла“. Искрен да бидам, не ме ни интересира многу кој ќе биде „изметен“. Едноставно, имам чувство дека тоа нема да заврши голема работа. Веќе напишав дека проблемите во СДСМ се повеќеслојни и се наложува внатрепартиска реформа на повеќе планови. А мислам дека тоа нема да се разбере,  пренесува Плусинфо.

Зачуден сум и од нервозата што ја манифестираат партиските кадри, чии имиња дел од медиумите ги спомнуваат како потенцијални „жртви“ на најавената чистка. Таа нервоза зборува за несигурност и за недоверба – можеби не толку во и кон себе, колку во партискиот врв, та дури и кон самата партија.

Така ја доживувам изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска, која рече дека нема да се враќа во Министерството зa образование и наука, откако медиумите објавија дека можно е таа повторно да се врати во стариот ресор, а ресорот Правда да го преземе кадар на ДУИ.

„Да се враќам во Образование нема, не сум Никола Тодоров да се шетам по сите ресори. Дали ќе го напуштам Министерството за правда не знам. Мојот пат е одење напред, а не враќање назад. Единствено место каде можам да се вратам е на Правниот факултет“, рече Дескоска.

Ми се допаѓа последната реченица во оваа изјава. Ако е искрена. Јас не мислам дека е назадување човек кој бил на политичка функција да се врати на своето старо работно место. Особено ако станува збор за една достоинствена и прекрасна работа – професор.

Па сепак… Драга госпоѓо Дескоска, чуму спомнувањето на Никола Тодоров? Ако сакавте тоа да биде илустрација за „шетање по ресори“, можевте да изберете пример од богатата историја на СДСМ, партијата на која ѝ припаѓате. Ќе беше тоа многу подостоинствено.

Една од задачите кои се наметнуваат за подобрување на политичката клима во земјата е сите да се обидеме малку да ги намалиме кавгите и троа да се очовечиме. За тоа зборуваат и премиерот Заев и претседателот Пендаровски и многу други разумни луѓе. Ма дајте, другарки и другари сдсмовци, шарени револуционери и сите вие другите кои сте во власта, обидете се да придонесете кон таа цел.

Вака, кога човек ве слуша и ја гледа оваа ваша паника, му доаѓа да се запраша – а има ли живот после власта?

Пишува Бранко Героски

Најнови вести