Одамна требаше да бидат будни сите институции барем за Мерко, изјави Софка Пејовска Дојчиновска од Државната комисија за спречување на корупција за Анализа на ТВ 24, каде посочи дека тие како тело покренуваат иницијативи за кривични гонења и таква иницијатива за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е покрената до обвинителството, но никаде ја нема, обвинителството кога спомена шест случаи, не ја спомна.
Во однос на Судскиот совет, таа вели дека оттаму само сакаат да си ја префрлат одговорноста бидејќи до нив се е навреме испратено.
– Не знам како да го искоментирам реагирањето на Судски совет за случајот со Мерко, дали е префрлање на топката, дека тие не се највиновните, зошто не сме ги прашале откако сме доставиле претставка дали си ја завршиле работата.
Претставката е дадена точно навреме. Ние на прес конференција за Мерко која беше тематска ја прикажавме испратницата, препорачана со потпис од Судски совет дека е примена, рече таа.
Пејовска Дојчиновска посочи дека Антикорупциската комисија ја има завршено работата за Мерко, другото е на надлежните институции.
– Апсолутно како пакет. Затоа што ние сме превентивно тело, ја имаме алатката да покренеме иницијатива за кривично гонење, ако имаме сомневање. И затоа сме испратиле иницијатива за кривично гонење до обвинителство која никаде ја нема, а ни одговараат дека се работи, рече Пејовска Дојчиновска.
Таа нагласи дека Антикорупциска само укажува сомневање, а кривичната пријава добива живот во обвинителството.