Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација на пратеници од Собранието на Република Албанија, учесници на вториот состанок „Улогата на парламентарците во текот на преговарачкиот процес“ во рамки на проектот „Зајакнување на експертизата и капацитетите на парламентарците во однос на процесот на пристапување во ЕУ“, што се одржува во Скопје.
Претседателот Пендаровски беше запознаен со активностите предвидени во рамки на проектот, што се реализира со поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт.
На средбата претседателот Пендаровски истакна дека одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Албанија се добра можност за размена на искуства и во доменот на европската интеграција, имајќи го предвид истовремениот почеток на пристапните преговори на двете држави.
На средбата се разговараше за состојбите во поширокиот регион, вклучувајќи ја руската инвазија на Украина и енергетската криза, соопшти кабинетот на шефот на државата.