Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, со кого разговараше за тековните активности на Црвениот крст, вклучувајќи ја волонтерската работа, како и соработката со Кабинетот на претседателот.
-Генералниот секретар Саити посочи дека волонтерските активности на Црвениот крст во последната деценија бележат позитивен развој и информираше дека во изминативе две години Црвениот крст во однос на волонтерската работа се фокусираше за поддршка на ранливите групи на граѓани кои беа најтешко погодени со пандемијата на КОВИД-19, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Шефот на државата истакна дека Црвениот крст, како една од најголемите и најзначајните волонтерски организации, успешно ја промовира волонтерската работа нудејќи им можност на сите заинтересирани граѓани да бидат дел од активности корисни за заедницата.
Претседателот даде поддршка за ангажманот на волонтерите во работата на Црвениот крст и изрази благодарност за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност во извршувањето на нивните ангажмани и хуманитарни активности.