четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ПО ДОЈАВИТЕ ЗА БОМБИ: Децата исплашени, родителите „зовриени“ почнуваат да се самоорганизираат за акција – СОНК и МОН разговарале за загубените часови

ПО ДОЈАВИТЕ ЗА БОМБИ: Децата исплашени, родителите „зовриени“ почнуваат да се самоорганизираат за акција – СОНК и МОН разговарале за загубените часови

Исплашени деца, револтирани родители, институции кои велат дека нешто прават, а всушност креваат раменици. Дојавите за бомби го парализираа образовниот процес на децата. Последиците од немирот, стравот и паниката кај децата допрва можат да го земат данокот.

Рекорден број дојави за бомби се регистрирани во текот на вчерашниот ден. 120 пријави во училишта во Скопје, сите лажни утврди МВР. Дојави за бомби има и денеска.

Како ќе се надоместат големиот број загубени часови се уште не е познато. Од МОН минатата недела испратиле допис за итни мерки што треба да ги преземат за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина. Организирање на учење на далечина (онлајн-настава) е една од насоките на МОН.

Подобро он-лајн настава отколку стресна евакуација е ставот на СОНК. Претседателот Јаким Неделков во изјава за Курир вели дека за целата ситуација која трае со месеци нема соломонско решение, но дециден е дека безбедноста е пред се’.

-Надлежните институции мора да изнајдат решение во однос на безбедноста. Како земја членка на НАТО мора посериозно да се залагаат нашите институции да го решат ова, но и меѓународните партнери да помогнат. Изгубените часови се на штета на учениците. Сите знаеме каков е квалитетот на он-лајн наставата, но подобро тоа отколку никаква настава. Не смееме да се замајуваме и да мислиме дека дојавите се проформа, вели Неделков за Курир.

По однос на тоа како ќе се надоместат загубените часови, Неделков вели дека имале неколку средби со МОН на кои дискутирале за тоа, но засега нема конкретна одлука по ова прашање.

Родителите се се погласни дека сите граници на, како што велат, неспособноста на институциите се поминати. Трпение веќе нема, социјалните мрежи се „вжештени“, а почнуваат и првите поконретни чекори за нешто да се превземе.

Адвокатот Јанаки Митровски преку социјалните мрежи вчера побара идеи од родителите за самоорганизирање со цел да се изврши притисок врз институциите. Во изјава за Курир вели дека се уште нема ништо конкретно, но идеите постојат.

-Оставени сме сами на себе, а ситуацијата со дојавите за бомби трае со месеци. Не можеме родителите постојано да излегуваме од работа. Лично сум против онлајн настава бидејќи се покажа како контрапродуктивно за образованието и социјализацијата на децата. Има од родители некои идеи за како да се самоорганизираме, но засега ништо конкретно не е одлучено, вели Митровски за Курир.

 

Во меѓувреме МВР вели, работат на расчистување на случаите. А расчистени беа само случаите каде малолетници, поттикнати од првичните и сеуште актуелни дојави, пријавуваа поставување на бомби.

Најнови вести