На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре ќе се спроведува пријавување за упис во прва година во студиската 2020/2021 година. Според Конкурсот за прв циклус студии кој УКИМ го објави пред два месеца, на 23-те факултети во негов состав се слободни вкупно 10 798 места за идни студенти.
Од нив, 5300 места се за студии во редовната квота т.е. кои се финансираат од буџетот на државата, 4438 се за кофинансирање на студиите и 1060 слободни места има за вонредни студенти.
Надоместот за студии за редовни студенти останува како и во изминатите години 200 евра во денарска противвредност, а за студентите со кофинансирање и за вонредни е 400 евра.
Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот од средно образование ќе биде објавена на 3 септември, конечната ранг-листа на 7 септември, а запишувањето на кандидатите ќе биде на 10 и 11 септември.
Поради пандемијата со КОВИД-19, оваа година, првпат од воведувањето во 2007, не се организираше државна матура. Матурантите добија диплома за завршено средно образование која ќе има важност на диплома за државна матура, училишна матура или завршен испит.
Во Конкурсот на УКИМ се наведени условите и критериумите за упис и начинот на бодирање за селекција на матурантите кои ќе бидат примени на факултетите, како и информации за потребните документи.
Вториот рок за пријавување кандидати за прва година во 2020/2021 на УКИМ ќе биде на 15 и 16 септември, а третиот е на 28 септември на факултетите на кои ќе останат места.