Премиерот на заминување, кој ги одбројува последните часови од своето премиерување, до последен момент ги „плаши“ граѓаните со укинување на Преспанскиот договор.
Во своето последно интервју како премиер, дадено во провладиниот „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, Заев потенцира дека укинувањето на Преспанскиот било спротивно на стратешките интереси на нашата земја и би било крај на целиот „прогрес“ што го оствариле тој и неговата влада. Граѓаните, по веќе востановената шема, ги плаши и со враќање на „режимот“ кој беше основата на нивната прикаска додека беа опозиција, режим кој според аналитичарите, беше сржта на пропагандната машинерија и егзистираше само во нивните глави.
„Наивно, па дури и глупаво, е да се враќаме назад. Затоа јас велам дека нема да дозволиме да се врати режимот, зашто ништо не покажува дека е изменето нешто кај опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме тука јасно и гласно да укажеме дека тоа се штетни политики кои ќе донесат сериозни последици за земјата,“ изјавил Заев во интервјуто, а соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста?!
Додал и дека очекува големо мнозинство од граѓаните да ги препознаеле штетните политики на опозицијата и да го даде гласот за продолжување на политиките и насоката која не води кон иднината.
Со ниту еден збор, Заев не појаснил во последното интервју како дојде до потпишувањето на истиот тој Преспански договор, прифатен без никаква дебата, негово потпишување пред Референдум, правење на консултативен, а не задолжителен Референдум, создавање конфузно прашање со ЕУ и НАТО во него, по што следуваше и неуспешниот Референдум кој не беше ни земен предвид, за да сето заврши со менување на Уставот со притисоци, уцени и закани.
Завршивме со сменето име на државата, Устав и Преамбула во него, а сето тоа се изведе на крајно нетрансперентен начин од владата која според експертите, од транспарентност има само провидност во дејствувањата.
Сега, во новата кампања на СДСМ плашењето со поништувањето на Преспанскиот договор и враќањето на „режимот“, очебијно, ценат познавачите на состојбите и комуниколозите, ќе бидат основните точки на кои ќе се базира пи-ар стартегијата и кампањата на владејачката партија.