Премиерот Ковачевски до доцна во ноќта имал консултации и со малите политички партии но од нив не успеал да обезбеди поддршка за францускиот предлог. Како што дознава Прес24 од извори кои вчера присуствувале на разговорите кои Ковачевски ги имал со раководствата на ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз, премиерот барал неговите мали коалициони партнери да дадат поддршка за предлогот, но тие констатирале дека во овој момент немаат доволно информации околу тоа што предвидува француското решение.
Од Ковачевски побарале официјален превод на предлогот на македонски јазик пред да донесат конечна одлука. Истовремено, од премиерот побарале да го видат и билатералниот протокол пред да излезат со конечен став. Состанокот завршил по полноќ без никаков договор, односно со договор, дополнително да се договорат откако ќе ја видат целата документација.
Извори од малите политички партии велат дека не се подготвени да дадат бланко поддршка, особено ако се има предвид дека големо мнозинство од граѓаните но и од партиското членство на самите партии е против овој предлог, а тоа, како што вели нашиот извор катастрофално ќе се одрази на рејтинзите и резултатите на наредните избори. Велат, во овој момент не треба да се реагира брзоплето и веднаш да се прифати предлогот, бидејќи времето не треба да биде фактор во оваа ситуација.
Малите политички партии веќе ја одбија првата верзија од францускиот предлог заканувајќи се дека ако власта ја прифати тие, ќе ја напуштат коалицијата.