На денешното рочиште во Кривичниот суд без присуство на јавноста беше пуштена целата видео снимка поради која премиерот Зоран Заев се товари за примање поткуп.
Ново рочиште за предметот на СЈО „Поткуп“ е закажано за 7 мај кога исказ треба да даде обвинетиот Зоран Заев, а ќе бидат изведувани и докази од одбраната.
Заев по денешното судење кажа дека ја почитува одлуката на Судот да биде исклучена јавноста при презентирањето на видео снимка, посочувајќи дека тоа би претставувало кршење на Законот за класифицирани информации.
– Денеска имав прилика да ги видам снимките со кои се докажува токму тоа што го тврдевме. Со целосното гледање на снимките се гледаат двата намерни прекина и би кажал зла намера да се оцрне моето лице. Кога се зборува за парите се зборува за железо, за цемент, за тули, рече Заев.
Тој додаде дека му е драго што со овие комплетни докази и сведочењата пред Судот ќе се докаже дека апсолутно станува збор за монтиран случај и оти ќе следува ослободителна пресуда.
На почетокот на денешното судење беше прочитана одлуката на Апелацискиот суд Скопје, јавноста да биде исклучена од рочиштето на кое ќе биде пуштена видео снимката поради која премиерот Зоран Заев се товари за поткуп.
На претходните рочишта Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.
Според Заев, со емитување на скратената верзија од снимката му била нарушена честа и угледот.
Судот претходно одлучи да го прифати предлогот на адвокатите на премиерот Зоран Заев јавноста да присуствува на гледањето на снимките, бидејќи според нив снимките кои беа објавени на „Јутјуб“ биле нецелосни. Обвинителството реагираше на оваа одлука и поднесе жалба до Апелацискиот суд затоа што снимката е прибавена преку посебни истражни мерки и како таква подлежи на класификација.
Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Сачевалиев.
МИА