Дванаесетте повредени во несреќата што се случи попладнево кај велешка „Порцеланка“, при која возило моторна дрезина на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“ удри во комбе со патници, се однесени во велешката болница и се надвор од животна опасност, информира за МИА д-р Елена Левкова Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница – Велес.
– Сите се задржани на испитување и опсервација. Досега се снимани половината од патниците и скршеници кај нив не се констатирани. Но, сѐ уште се вршат испитувања кај останатите половина од повредените. Целосната информација ќе ја имам по 16 часот, изјави д-р Левкова Ќулумова.
Таа информира дека меѓу повредените има две деца на возраст од три и пет години и една 19-годишна девојка. Останатите повредени лица се на возраст од 30 до 60 години.
Информацијата дека сите повредени се надвор од животна опасност и дека на нив се вршат рентген и други испитувања ја потврди и д-р Љупчо Леов, ортопед, кој ги прегледал повредените. Тој потврди дека засега нема констатирано скршеници кај никој од повредените, но тие сепак се оставени на опсервација, а неговиот колега, д-р Ванчо Граматов ги прегледува останатите повредени.
Денеска во 12:01 часот во СВР Велес било пријавено дека на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ во Велес се случила незгода помеѓу железничко возило и комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, управувано од 52-годишниот Д.Ј. од Чашка.