По најавите за протест, пожарникарите денеска остварија средба со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во обид за надминување на проблемите, но договор не е постигнат.
По средбата со Шилегов, командирот на одделение во бригадата на противпожарна заштита и еден од членовите на иницијативниот одбор Дејан Исаевски истакна дека не се задоволни од понудата на градскиот татко и посочи дека продолжуваат со агендата на одржување протести.
-Не сме задоволни од денешната понуда на градоначалникот кој е три години на функција и имаше време овој закон да го среди до сега. Ние ќе продолжиме со нашата агенда, протест пред Град Скопје. Протестот ќе биде секој ден во работното време на градоначалникот, само смената што е на рабата ќе остане на работа со полн капацитет. Медијацијата останува, тоа е за решавање со тужбите. Меѓутоа ние сакаме да ја регулираме платата, тоа да тече секој месец. Не се решение за нас тужбите, тие ќе се решат. Треба платата да се регулира, истакна Исаевски по одржаната средба со Шилегов.
Градоначалникот на Град Скопје во својата изјава по средбата, меѓу другото, истакна дека тој работел на проблемот, но ги обвини пожарникарите зад нивната реакција стои политика.
Шилегов истакна дека се прават измени на законот кои треба да стапат на сила во јуни 2021, а во кои ќе бидат вклучени и дел од барањата на пожарникарите.
-Ако сте на моја позиција и сте единствен кој го работи овој проблем во суштина. Ако ги преземате сите дејствија со цел да им излезете во пресрет и почнува проблемот да се решава, а од друга страна имате заменик градоначалник на Општина Сопиште, советник на ВМРО-ДПМНЕ еден од иницијаторите, не може да помислите на еден момент дека политиката ги нема вмешано прстите, изјави денеска Шилегов по средбата.
Пожарникарите бараат исплата на надоместокот за опасност при работа. За исплата на надоместокот, пожарникарите пред 18 месеци добиле пресуда од Судот во нивна корист, но Градот се уште не го вметнува во платата.
Градските власти, пак, негираат дека има одлука од судот, велат платите за пожарникарите ги добивале од државата ама без надоместок за опасност при работа. На незадоволните од висината на платата, Шилегов и вчера им порача да си најдат друго вработување.
-Работиме на изнаоѓање на системско решение како би се надминал проблемот, до тогаш градот и да сака не постои начин како ја врши оваа исплата. Ако некој смета дека му е мала платата во противпожарната бригада, додека не го најдеме системското решение во секое време може да си побара работа на друго место, изјави Шилегов.