петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пожар кај Демир Капија, во гасењето се вклучува полициски хеликоптер

Пожар кај Демир Капија, во гасењето се вклучува полициски хеликоптер

Покрај пожарот во Неготино каде што гори “Гоцева шума“, попладнево изби уште еден пожар во Тиквешко – на територијата на општина Демир Капија. За гаснење на тамошниот пожар, ќе се вклучи и хеликоптер на МВР.

„Поради олеснување на воспоставувањето на контрола врз шумскиот пожар во месноста наречена Мал Раковец во општината Демир Капија, за дваесетина минути ќе дејствува еден полициски хеликоптер со ведро од три тона“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Кај Неготино во гаснењето на пожарот се вклучи авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Авионот ’Ер трактор‘ на ДЗС полетал и ја погодил со вода токму локацијата со пожар каде што требало, согласно наведувањето од противпожарните сили од земја. Пожарот почнал да се контролира иако сè уште дувало променлив ветар. Со вториот налет најверојатно ќе биде локализиран и совладан и од противпожарните сили кои дејствуваат од земја“, информираат од ЦУК.

Шумата што гори кај Неготино била подигната есента во 1972 година, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и оттаму ипотекнува името Гоцева шума.

Пошумувањето на спомен-шумата било државен проект на Инвестицискиот фонд за пошумување на голините. Пошумени биле околу 350 хектари површина со зимзелени и листопадни дрвја, како црн бор, маслинка, чемпрес, кедар.

Ова не е првпат да гори дел од Гоцевата шума. Пожар имаше и во август 2016 година кога изгореа околу 30 хектари борови дрвја, трева и меѓи, а беа зафатени и лозови насади.

Најнови вести