Редовно да се зема пропишаната терапија и во случај на настинка и потешкотии на дишењето да се направи консултација со матичен лекар, да се пијат топли напитоци, да се избегнува алкохол, да се јаде доволно, бидејќи тоа ја одржува температурата на телото, а невакцинираните да се вакцинираат против сезонски грип особено тие на возраст над 60 години и хронично болните, се дел од препораките за заштита на здравјето на населението од студени бранови и студено време во зимскиот период согласно Акцискиот план за превенирање на неговите штетни влијанија врз здравјето, што го изготви Министерството за здравство.
Пациентите кои имаат проблеми со срцето или белите дробови треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, да избегнуваат тешки вежби на ниски температури, да се облекуваат соодветно и да ги заштитат главата, дланките и стапалата. Дијабетичарите, пак, чии дланки и стапала може полесно да се повредат или, при екстремни услови, да страдаат од смрзнатини, треба да внимаваат да им останат загреани, а оние со артритис, треба редовно да земаат терапија и да ги загреваат повредените зглобови.
Во случај на екстремно ниски температури треба да се избегнува физичка активност на отворено, да се носи повеќеслојна облека и соодветни обувки за снег и мраз, да се внимава на лизгави површини, да се избегнува излегување надвор освен ако не е неопходно и да се биде активен и колку може повеќе да се прават движења во затворени простории.
На бесплатниот телефон 15505 може да се пријави лице од ризик од студено време (бездомник, деца на улица…).
Се посочува дека сите јавни здравствени установи имаат подготвено план за постапување, број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури.
Во однос на постапување за време на екстремно ниски температури и снежни наноси граѓаните повеќе информации може да прочитаат на линкот АКЦИОНЕН ПЛАН-СТУДЕНО ВРЕМЕ.