вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол со јавна поддршка на големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол со јавна поддршка на големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол даде јавна поддршка за денешниот голем митинг пред македонската влада.

Тој во своето видео обраќање даде поддршка и за ВМРО-ДПМНЕ, како и за партискиот претседател Христијан Мицкоски.

-Ми претставува задоволство да ви ја испратам оваа порака на поддршка и пријателство, а по повод собирот кој што го организирате во Скопје. Со вашиот млад претседател во текот на последните 5 месеци остваривте активности на длабока реорганизација на партијата, на вашиот начин на кој комуницирате и на начинот на кој спроведувате политика. Денеска имате шанса на вашите граѓани да им ги презентирате вашите идеи и вашата визија за иднината на земјата. Сите ние знаеме колку на народот на Македонија му е потребно сето ова. Мои пријатели, Вашата земја се наоѓа во внатрешноста на границите на Европа. Нашите судбини се неодвоиво поврзани, рече тој.

Дол порача дека ЕУ нема да биде комплетна се додека сите земји не им се придружат.

-Европските народни партии се ангажираа минатиот месец во Софија да ја исполнат својата улога, но Вие исто така мора да ја завршите самите вашата работа. Во Владата или во опозицијата, сите политички сили во земјата мора да ги подвиткаат ракавите и да покажат сериозна желба за напредување по Евро-атлантскиот пат и да ги превземат неопходните мерки. Добро знаете за што зборувам: човекови права, борба против корупцијата, независност на судството и на медиумите, не заради тоа што ЕУ ви го бара тоа, туку заради тоа што вашите граѓани ви го бараат. И заради тоа што без ова горенаведеното, не е возможно да се реактивира економијата, да се привлечат инвестиции и да се креираат работни места, рече тој.

Претседателот на Европската народна партија порача дека не е доволно да се објават реформи туку потребно е истите да се спроведат.

-Мислете на вашите млади! Денес, каква иднина ќе им оставите нив? Како ќе ги убедите да останат во земјата и да придонесуваат за развојот на земјата, наместо да си ја бараат среќата на друго место. Вашиот народ бара промени и овие промени не можат да се спроведат без ваша партиципација, дури и во опозиција. Секогаш имате одговорност кон Вашите млади.  Велам секогаш, бидејќи не можеме да ги решиме денешните проблеми со решенија од вчера. Треба да се размислува различно, треба да се иновира. Јас сум сигурен дека со водството на претседателот Мицкоски кој е динамичен, компетентен и мотивиран, ќе можете да дадете една нова енергија и нов елан на вашата партија. Да ја вратите довербата на луѓето, да ја најдете силата на партијата и наскоро да се вратите како владеачка партија со цел да можете поефикасно да донесете подобра иднина за сите жители во Македонија. Ви пожелувам многу успеси на патот кој ве чека, порача Дол пред околу 50.000 граѓани.

Најнови вести