четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Радио Слободна Европа“: ВМРО-ДПМНЕ се оттргнува од руската прегратка

„Мислам дека јасни се позициите на Република Македонија кои се темелат на нашиот национален и државен интерес, а тоа е НАТО и ЕУ интеграција“, вели Мицкоски.
„Радио Слободна Европа“: ВМРО-ДПМНЕ се оттргнува од руската прегратка

Јасни се позициите на Македонија, кои се темелат на нашиот национален и државен интерес, а тоа е НАТО и ЕУ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој не ги коментира позициите на Русија во однос на нивната партија. Аналитичарите оценуваат дека претходното раководство имало блиски односи со Москва.

-Неконзистентност во политиките на ВМРО-ДПМНЕ кога се работи за односот кон Русија и кон западните земји или пак погрешно протолкувани сигнали и пораки. Ова се дилемите што се отворија откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во изјава рече дека Москва не е партнер и ја поддржа одлуката на Владата да протера руски дипломат што предизвика реакција од руската амбасада, анализира РСЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на чело на партијата застана пред четири месеци, во интервјуто на Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме в недела, на прашањето како ја коментира реакцијата на амбасадата на Русија вели дека не знае на што се должи.

„Мислам дека јасни се позициите на Република Македонија кои се темелат на нашиот национален и државен интерес, а тоа е НАТО и ЕУ интеграција“, вели Мицкоски.

Рускиот амбасадор, Олег Шчербак, пак вчера рече дека поради својата неконзистентност, ВМРО-ДПМНЕ ја изгубила власта.

Реакцијата на рускиот амбасадор следува ден откако и амбасадата на социјалната мрежа Твитер коментирајќи го ставот на Николоски напиша „забележителен став“.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири ова се должи на, како што вели, односот на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое се обидува да ги возобнови односите со Западот, пред сè со американската републиканска партија и со Европските народни партии.

„Еден период изгледаше како ВМРО-ДПМНЕ да има блиска соработка со Русија, а тоа можеше да се забележи и од соопштенијата кои руската амбасада ги праќаше на пример за Шарената револуција или барањето за оставка на владата на Груевски. Но со промената на раководството во ВМРО-ДПМНЕ се чини проруската ориентација почнува да исчезнува“, вели Незири.

Инаку Шчербак рече и дека знаел многу членови на ВМРО-ДПМНЕ, една од најголемите политички партии во Македонија, кои, како што додаде биле расположени за развој на конструктивни и обострани односи со Руската Федерација. Токму унапредувањето на конструктивните односи меѓу Русија и Република Македонија е во интерес и им одговара на интересите на народот на Македонија, додаде рускиот амбасадор.

Извор: Радио Слободна Европа

Најнови вести