Поранешниот генерален секретар на Владата на Зоран Заев, Драги Рашковски, беше во центарот на вниманието на медиумите и јавноста, не поради тоа што го работи, туку поради низа скандали во кои беше вмешан.
Дури и откако тој ја загуби функцијата откако беше наследен од Мухамед Зекири, продолжи да се одмотува клопчето на скандали во кои е тој вмешан.
Пред неколку дена беше обелоденет скандал дека Рашковски како генерален секретар на Владата набавил софтвер за следење на сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, со народни пари.
Набавката самата по себе немаше да биде скандал, но следуваат податоци кои фрлаат нова сенка на оваа набавка. МВР не знаат ниту дека истиот сервер постои, а Рашковски фрлил народни пари, за систем кој 8 месеци не е во функција
-Драги Рашковски потрошил државни пари за софтвер кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку истиот сега воопшто не е во функција. Драги Рашковски само за ова треба да лежи во затвор. Владата платила софтвер, за кој никој не знае дали воопшто некогаш ќе се користи. Драги Рашковски да каже, зошто го набавил софтверот, ако МВР не знаат за него, тоа значи дека воопшто не го ни побарале. Кого прашал Рашковски и врз база на која анализа и потреба е купен софтверот? Дали набавката на софтверот е уште еден “Леонардо вил вин”? Ја повикуваме МВР веднаш да каже дали нарачеле софтвер од Рашковски, и дали тој за тоа добил овластување од влада, изреагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Владата да каже како во време на пандемија воопшто дозволиле набавка на неприоритетна опрема.
-Колку вакцини можеле да се купат со парите кои Рашковски ги фрлил за софтверот кој никој не го користи? ЈО да го испита случајот и да се види целиот процес при набавка. А доколку се колеба и е во соработка со Заев тој ќе биде истражен по промената на власта наскоро. Одговорност ќе има, велат од партијата.
Реагираа од Антикорупциска
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет за набавка на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, вчера рече дека сметаат оти има доволно елементи за истражување на причините за набавката на тој софтвер, како и зошто тој се’ уште не е во употреба.
Во согласност со процедурата, предметот ќе биде распореден на еден од членовите и тој понатаму ќе ги бара сите потребни информации за утврдување на состојбите.
Чулев за набавката на софтверот од страна на Рашковки: Не е прашано МВР и таков систем не е стигнат во МВР, ниту пак владата донела одлука
Во време кога софтверот е набавен, министер за внатрешни работи во техничката Влада беше Наќе Чулев. По обелоденување на скандалот, тој се огласи во јавноста.
-Почитувани граѓани, во врска со случајот за набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, со оглед дека беше споменато и Министерството за внатрешни работи во периодот кога раководев со истото, а со цел прецизирање на работите и утврдување на вистинската фактичка состојба, сакам да ја информирам јавноста за следното:
Во периодот додека ја извршував функцијата министер за внатрешни работи во ниту еден момент не бев информиран дека Генералниот секретеријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак е побарано од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер, проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции. Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер.
Ниту тогашниот премиер, ниту генералниот секретар или било кој друг не ме информирале дека ваков софтвер е набавен. Не ми е јасно зошто Генералниот секретеријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот “Безбеден град”, кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на “Безбеден град” со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија, стои во неговиот пост на Фејсбук.
Доколку мислевте дека скандалот застанува тука, не сте во право. Најголемиот пресврт доаѓа во моментот на обелоденување на фактот дека Рашковски лично развил софтвер за сообраќајни казни пред да го купи како генерален секретар на Владата.
Набавката за која Владата платила 81 илјада евра, а осум месеци седи неискористена, носи назив „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“, додека Рашковски има патент од 2018 година со речиси исто име: „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“, пренесе 360 степени.
За оваа набавка Владата ѝ платила околу 81 илјада евра на фирмата „Инвока гроуп“.
„Инвока гроуп“ е формирана на 14 јуни 2017 година, две недели по доаѓањето на СДСМ на власт и девет дена по именувањето на Рашковски за генерален секретар на Владата. Компанијата, чиј сопственик и управител е Даниел Станчев, досега добила три јавни набавки – сите три од владиниот Генерален секретаријат додека со него раководеше Рашковски. Плаќањето за конкретната набавка е извршено на 9 јули минатата година, шест дена пред парламентарните избори. Пред оваа јавна набавка да ја добие „Инвока гроуп“, имало уште два вакви тендера во 2019 година распишани од Секретаријатот, но биле поништени, анализира 360 степени.
Рашковски набавил софтвер за систем за кој што и самиот патентирал софтвер и хардвер
Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на Зоран Заев, во јануари годинава јавно објави диплома на ФБ. Дипломата, наградата за Драги Рашковски е златен медал од „Глобален Форум за Иновации“ во Кипар за негова иновација во областа на транспортот и сообраќајот, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи дека наградениот проект на Рашковски е „Сообраќаен контролен систем за возила и апарати, определување на просечна брзина и казни“.
-Според кусото експозе напишано од Рашковски при конкурирањето, а објавено на страната на Форумот, Рашковски е иноватор на интегриран систем од хардвер и од софтвер, за мерење на просечната брзина на возила, работи на соларна енергија, а е поврзан со ГПС. Системот ги чита и следи табличките на возилата, ја мери просечната брзина, по што системот генерира казни за сопственикот на возилото. На пополнетото експозе при конкурирање стои датум фебруари 2020-та. Внесен е и бројот со кој што е патентирана иновацијата, со дата на патентирање од 14-ти март 2018 година, со целосно поседување на правата на Драги Рашковски. Драги Рашковски од позиција генерален секретар на Владата, од ноември 2019-та година, до февруари 2020-та година, води процедура за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци – односно за софтвер за систем за автоматско генерирање на казни за сообраќајни прекршоци. Да потсетам, тоа е систем со исти цели за каков што Драги Рашковски има добиено златен медал за иновација, нагласи Стоилковски.
Според податоците до кои дојде „360 степени“, Рашковски во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“.
Интересен е податокот дека во периодот кога според договорот меѓу Генералниот секретаријат и „Инвока гроуп“ (потпишан на 6 февруари 2020 година) сѐ уште се изработувал нарачаниот софтвер, Рашковски добил меѓународно признание за својот изум со слично име. Станува збор за пехар и златен медал на Меѓународниот саем на пронајдоци „Архимед“ одржан во Москва од 24 до 27 март 2020 година. Системот на Рашковски е награден со златен медал и на Глобалниот форум за иновации одржан во октомври 2020 година на Кипар. И за руската и за кипарската награда на Рашковски постојат записи на официјалните интернет-страници на двете манифестации.
Заев во одбрана на Рашковски
Премиерот Зоран Заев, наместо да го осуди овој скандал, застана во одбрана на Рашковски, иако рече дека ги побарал на увид сите документи за случајот.
-Секако дека исклучувам сомнеж во набавката, тоа е направено, колку што се сеќавам, со ФИНКИ, со тендерска процедура. По информацијата во јавноста се обратив до службите да ме информираат барем усно, чекам да ми стигнат документите. Постапката била предвидена со буџет од 8 милиони денари, имало компетитивност, но сè уште не ги знам деталите. Спроведена е целосна постапка, изјави премиерот.
Не е само софтверот за МВР, Владата на СДСМ ѝ исплатила на „Инвока“ околу 400.000 евра
Без веб страница и контакт информации, информатичка фирма работи на одржување на софтвери за потребите на македонската Влада. За сервисирање и набавка на софтвер, македонските институции на Инвока Гроуп во изминативе три години ѝ исплатиле речиси 400 илјади евра.
Софтверска компанија работи на одржување на компјутерски програми на десетици државни институции. Станува збор за Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“ од која Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни, обелодени Радио Слободна Европа.
-Во изминативе три години, колку што постои компанијата, од македонските институции наплатиле 62 илјади евра за одржување на софтвери, покажува владината дата база „Отворени финансии“. Во неа може да се забележи дека под контото „поправка и одржување на софтверска и хардверска опрема“ од сметките на институциите биле исплаќани фактури со вредност од 4 евра па се до илјада или две илјади евра. Од сметката на Генералниот секретаријат на Владата со потпис на поранешниот генерален секретар, а сега советник во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, биле исплатени фактури за 323 илјади евра за набавка на два софтвери, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки, пишува РСЕ.
Од документацијата може да се види дека не е единствена набавка софтверот за кој деновиве се зборува, туку постојат уште две скандалозни набавки како “превентивно и адаптивно одржување на систем за електронски полагања на државни испити“ и „групна набавка на услуги – превентивно и адаптивно оддржување на софтверот за полагање на испити во државни институции.“
Вредноста на договорот е мегаломански суми. Така “превентивно и адаптивно одржување на систем за електронски полагања на државни испити“ чини 9.290.000 денари, софтверот за определување просечна брзина на возила чини 4.997.300 денари и „групна набавка на услуги – превентивно и адаптивно оддржување на софтверот за полагање на испити во државни институции“ чини 5.576.398 денари.
Договорен орган за сите три е Владата – Генерален секретеријат на чие чело во тоа време е Драги Рашковски.
Прашањата од јавен интерес, во време на објавата кога се обелодени скандалот беа: Дали може да зборуваме за независна Академија за судии и јавни обвинители кога генералниот секретар на владата и еден од најмоќните луѓе на извршната власт одлучува која фирма ќе ги спроведува испитите за Академијата и ќе ги коорднира активностите на системот за полагање? Дали Драги Рашковски кој уште тогаш (2019-та година) беше во центар на скандалот со наводно местење на тендер во М-НАВ, актуелната власт на чело со премиерот Заев ќе одолеат на искушението да не влијаат врз изборот на прием на слушателите на академијата за судии и јавни обвинтители?
Одговори нема! Како што нема ниту за скандалите од поново време.
Тасева за скандалот со софтверот набавен од страна на Рашковски: Соопштението од Влада не дава никаков одговор за целиот случај
Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ во своето гостување во Студио 10 зборуваше за скандалозниот случај околу набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци и посочи дека соопштението од Влада во врска целиот овој случај е многу лош обид да се објасни целата оваа ситуација.
-Тоа соопштение воопшто не треба да ги толкуваме, тоа беше еден лош обид да се објасни или оправда цела ситуација и воопшто не е соодветно и не дава одговор. Eдноставно се труди да ја отргне дилемата дека тука нешто е направено надвор од законите на оваа држава. Tука недостасуваат многу работи, односно од каде произлегува потребата за набавката на таков софтвер, кој во државата носи таква одлука, дали за тоа постоела некаква претходна активност дека ќе се воведе таков тип на следење на сообраќајот и кој треба да донесе таква одлука, dали е Владата таа која треба да спроведе таков тендер, рече Тасева во своето гостување.
Таа во врска со целиот овој случај побара јавните обвинители да си ја остварат својата улога и да не стануваат соучесници и прикривачи во целиот случај.
-Повторно ги повикувам јавните обвинители да си ја остварат својата улога, да не стануваат на овој начин соучесници, прикривачи односно дозволуваат ваков тип на дилеми да се повторуваат и на сето тоа се завршува со некој став од Влада дека тука нема ништо спорно, но тоа треба да го каже некој друг, додаде таа.
Ќе одговара ли Рашковски?
Антикорупциска веќе превзема еден чекор, но од обвинителството уште нема ни трага ниту глас. Заев јавно се обиде да го одбрани својот поранешен најблизок соработник, оставајќи простор за сомнеж дека можеби и тој имал некакви информации. За досегашните скандали, Рашковски избегна одговорност.
Додека чекаме разврска, ви го пренесуваме скандалозниот договор, потпишан лично од Рашковски: