Австралиската државна телевизија Еј-Би-Си известува за згрозеноста на македонската заедница од Мелбурн од графитите со расистичка содржина што ги затекнале утрово на нејзините објекти во градот, меѓу кои и „Смрт за сите вас“ пред македонскиот фудбалски клуб Слога, покрај натписот „Грција“ напишан на грчки јазик.
-Бев шокиран. Не можам да разберам дека нешто такво може да се случи на место каде што се собираат до 350 деца, изјави членот на клупското раководство Сашо Николовски.
„Политиката не треба воопшто да биде дел од спортот. Тука сме за да уживаме во прекрасната игра каква што е фудбалот, сите сакаме да ги видиме нашите деца како трчаат наоколу. Не сакаме да видиме таков вид терминологија и вандализам насекаде по ѕидовите на клупската зграда. Жално“.
Графити осамнаа и на македонската православна црква „Свети Никола“ во Престон, еден од нив со пораката „Fuck Skopje“.
-Имаме парохијани кои доаѓаат тука, имаме деца – повеќето од нивните пријатели се Грци – што треба да им објасниме на оние мали деца, прашува отец Миле Талески.
„Бев вџашен, не знаејќи како да им го објасниме ова на помладата генерација… овој вандализам покажува само варварство и срам. Тој што го сторил тоа нема ништо духовно во него… веројатно сакале да создадат тензии… или да ја зголемат напнатоста“.
Македонската заедница за ова ја известила полицијата, а работници од локалниот совет почнале да ги бришат графитите.
Вандализмот строго го осуди и Питер Јасонидес, национален координатор на Панмакедонска федерација на Австралија, која ги претставува Грците од регионот Македонија во Северна Грција.
-Ние го почитуваме имотот на другите луѓе и, во овој случај, верските објекти на другите, рече тој.
Тој додаде дека нема место за вакви работи во едно демократско, мултикултурно општество.
-Мора да постои почит, меѓусебно почитување, вели Јасонидес.
Тој рече дека сквернавењето знамиња и верски објекти е во спротивност со духот на мултикултурализмот и би побарал интервенција од државната Комисија за мултикултура.
-Да ја прашам дали може да посредува, да организира средба меѓу двете страни, за да можеме да разговараме за тоа, рече Јасонидес.
„Барем сме на иста страна кога станува збор за такво насилство, за палење знамиња и такви работи“.