понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Распишан тендер за надградба и одржување на „Мој Термин“

Распишан тендер за надградба и одржување на „Мој Термин“

Тендер за надградба и одржување на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“ распиша вчера Министерството за здравство. Вредноста на јавната набавка изнесува пет милиони денари (со влучен ДДВ), односно околу 70.000 евра. Отворањето на понудите е предвидено за 14 февруари, информираа за МИА од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

Со тендерот, посочија од Управата, е предвидено надградба на системот со нови функционалности, како и модули кои првпат се воведуваат, со цел унапредување на досегашниот систем.

Како еден од поголемите модули што ќе се воведе со новата надградба на системот, е воспоставување софтверско решение за Регистар на лица со ретки болести, што е клучна алатка за дефинирање на здравствени стандарди во клиничката практика, за утврдување на ефикасност на терапијата, како и за развој на научни и клинички истражувања.

Од Управата истакнаа дека друг поголем модул, кој е од особена важност и е дел од модулот за следење и исход на бременоста е воведување електронска евиденција на акушерска и гинеколошка историја, со што ќе има можност за генерирање на таканаречени перинатолошки извештаи, кои кои ќе се базираат на податоците евидентирани во целокупната историјата на новороденчињата.

Новини се предвидени и во делот на интегрирање на податоците во медицинското досие на пациентот и воведување на резиме на пациент, кое ќе претставува приказ на важните податоци за пациентот како што се: последни дијагнози од извештај на специјалист, последно примени лекови, алергии, крвна група…Целта на оваа новина е при итни случаи или при редовен преглед лекарот кој го прегледува пациентот да добие основна слика за пациентот, односно за неговата историја на болест, појаснија од Управата за електронско здравство.

Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“ го користат околу 15.000 корисници и над 4.000 здравствени установи.

Најнови вести