Четворица припадници на Министерството за внатрешни работи вчера беа повикани во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за да дадат исказ за постака, која е во тек. Според најавите од Обвинителство денеска ќе има повеќе официјални детали, но неофицијално, полицајците биле повикани да дадат исказ под сомнение дека одавале тајни податоци, прибавени од посебни истражни мерки, а во врска со случајот „Поткуп“, пишува Република.
Целата снимка од овој случај беше обелоденета на 15 јануари од страна на новинарот Зоран Божиновски.
Но, и до сега, ОЈО не презема никакви чекори, па оттука и прашањето зошто му е поважно да открие кој допринел снимката да протече во јавноста отколку самата содржина? Зашто, ако внимателно се слуша, може да се дојде до заклучок дека исклучувањето на јавноста од судницата не било ни малку наивно, ни случајно, анализира порталот „Лидер“, додавајќи дека ова оттаму што Зоран Заев беше ослободен од обвинението за поткуп иако на снимката нема никакви олеснителни околности врз основа на кои таа може да се оправда.
Зошто обвинителството не се позанимава со обвинителот, кој бил надлежен за случајот „Поткуп“, но и со судијата, кој донел ослободителна пресуда? Дали со ваквата постапка тоа само ја потврдува автентичноста на снимката?
До ден денес Зоран Заев ниту ја потврди, ниту ја демантира снимката, ниту, пак, се изјасни околу тоа дали таа била сечене, лепена, монтирана…Во текот на судскиот процес, пак, Заев во една прилика изјави дека целта на снимката била за него да се создаде грда слика во јавноста.