четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Режимот на Зоран Заев е делeгитимиран, оваа влада нема иднина!

Режимот на Зоран Заев е делeгитимиран, оваа влада нема иднина!

Денеска Зоран Заев не може да победи. Нема да може ни утре. Затоа што веќе изгуби. Режимот е на колена. На апарати. Агонијата може да потрае, но исходот е извесен, објавува во својата колумна новинарот Бранко Героски за ПлусИнфо.

Закани, уцени, притисоци…

Тоа е начинот на кој во моментов се прави обид да се спречи јасно изразената волја на мнозинството пратеници на владата на Зоран Заев да ѝ се изгласа недоверба.

Еден пратеник подлегнал на притисоците. Киднапиран е. Метафорично, а можеби и реално. Нека му биде. Нека бидат и двајца. И тројца… И што со тоа?

Јасна е волјата на мнозинството избирачи, изразена на локалните избори, кои самиот Заев ги прогласи за референдум за или против оваа власт. Народот на изборите му кажа одлучно „не“ на хибридниот режим во Македонија.

Што значи тоа дека дека недостасува еден пратенички глас за да ѝ се изгласа недоверба на владата?

Од аспект на легалитетот, тоа значи неуспех на една иницијатива и Пирова победа на владејачката коалиција. Од аспект на легимитетот, без оглед на исходот од денешната седница на парламентот, режимот на Зоран Заев веќе е делегитимиран.

Режим што се одржува со закани, со уцени и со притисоци, на крајот секогаш лошо завршува. Две години режимот на Груевски се одржуваше на власт на апарати, за на крајот, во 2017 година, сепак да падне.

Режимот на Заев веќе е на колена. На апарати.

А народот гледа што се случува.

Народот знае дека гласот за Зоран Заев е глас за „независното суство“. Кое пак се спогоди со Зоки Кичеец. Гласот за Заев е глас за Кичеец.

Знае народот дека гласот за Заев е глас за Венко Филипче. Глас за отсуството на одговорност за пожарот во тетовската ковид болница, во кој загинаа 14 лица.

Знае народот дека гласот за Заев е глас за власта која нè остави во енергетска криза. Гласот за Заев е глас за рестрикции на струјата.

Знае народот дека гласот за Заев е глас за човекот кој рече дека Албанците не вредат ни пет банки на политичкиот пазар.

Народот знае. Покажа дека не простува така лесно. Казнува. И допрва ќе казнува.

Пратениците имаат должност да ја артикулираат волјата на народот што ги избрал. Ако воопшто имаат намера утре пак да се појават на избори.

Никакви скаламуции на Заев и на Талат Џафери не може да ја спречат артикулацијата на волјата на народот во парламентот.

Ете, во случај само 60 пратеници да гласаат за недоверба, тоа нема да биде доволно владата на Заев да падне, но ќе покаже дека таа иста влада нема мнозинска поддршка во парламентот.

Дополнително, опозицијата ќе има можност, а сега и силен мотив, со отсуство да ја блокира работата на парламентот во иднина – ако сега половина пратеници од власта не сакаат да учествуваат во работата на законодавниот дом и ако тоа е легитимно, во секоја наредна прилика другата половина ќе може да отсуствува и да се повика на истиот „легитимитет“.

Да не заборавиме, падот на режимот на Никола Груевски почна со блокада на парламентот од страна на опозицијата. „Бомбите“ дојдоа подоцна. И сега може да се повтори истата шема – блокада на парламентот, а после „бомби“.

Како и да е, денеска Зоран Заев не може да победи. Нема да може ни утре. Затоа што веќе изгуби. Самиот си кажа кога се коцкаше и кога се закануваше со оставка – ако не победам на локалните избори, ако го изгубам Скопје, не можам да владеам, не можам да влечам напред.

Сидрото што го џитна Заев за да влече напред конечно заглави во милта.

Ова што сега се случува и што ќе се случува во периодот пред нас се вика агонија. После смрт – болест.

Колумна на Бранко Геровски.

Најнови вести