Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата денес во Собранието на Република Македонија поднесе Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за тутун, по скратена постапка. Голготата на македонските тутунари во последниве неколку месеци ескалираше и излезе од контрола. Тутунарите го допреа дното, а Зоран Заев и СДСМ мува не ги лази, изјави денеска за медиумите, Петар Ристески пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека катастрофалната земјоделска политика која што ја води Зоран Заев и владата предводена од СДСМ, ги доведе тутунарите до работ на егзистенција, живеејќи од ден за ден, да не може да си го наплатат својот труд, чесно заработени пари и произведен тутун.
– Во овој момент, состојбата со откупот е срамна, цената на откупот е 160 денари што е за 60 денари пониска откупна цена од ланската. Нашите информации и искуства од терен покажуваат дека реалната цена е уште пониска и од тие 160 денари бидејќи се работи за вештачка и наштелувана цена. За апсурдот да биде уште поголем, дури и таквата вештачка и наштелувана откупна цена, таа е прениска и срамна. Од друга страна, се увезува тутун без никаква контрола и стратегија, 5000 илјади тони домашен тутун ќе остане неоткупен и ќе скапува по визбите, а македонските тутунари остануваат и ќе останат со празни раце, ниту тутун, ниту пари.
Дополнително, како пратеници досега безброј пати апелиравме до Владата да обезбеди достоинствена и според трудот заслужена државна помош како обештетување од лошата земјоделска политика досега, а не милостина која во никој случај нема да ги реши егзистенционалните проблеми и потешкотии на тутунарите. Оттука, токму поради ваквите лоши состојби со тутунарите, ние го поднесовме овој Предлог закон со кој конечно ќе се излезе во пресрет на тутунарите и ќе се престане со ваквото омаловажување, потценување и поигрување со нивната мака, посочи Ристески.
Со овој Предлог закон бараме и предвидуваме 3 клучни работи и тоа:
• продолжување на рокот за откуп на тутунот до 31ви март 2021 година,
• обезбедување на сигурност за склучување на договор за откуп и покрај тоа што е веќе поднесен приговор, и
• допрецизирање на третманот на неферментираниот тутун, наброја тој.
Ристески тврди дека овие барања и предлог измени, се гласот на тутунарите.
– Овие барања соодвествуваат со барањата на тутунопроизводителите, со реалната слика во моментот, како и со катастрофалниот откуп на тутун во Република Македонија. Единствената цел на овој закон е решавање на проблемите со кои се соочуваат тутунарите и конечно ставање крај на лагите, уцените, заканите и игрите кон македонскиот тутунопроизводител. Оттука, како подносители на овој предлог закон апелираме до владеачкото мнозинство, веднаш и без размислување да го прифати овој предлог за заеднички да помогнеме на македонските тутунари. Во спротивно, доколку не го направат тоа, тие уште еднаш ќе покажат и докажат дека воопшто не им е грижа за откупот на тутун и за тутунарите, туку дека само ги интересира профитот и заштитата на бизнис партнерите блиски до власта, додаде тој.