Колумнистот Александар Ристевски, во гостувањето во емисијата ,,Само вистина” на Канал 5 рече дека оваа состојба со бугарското прашање покажува неконзистентност во европските политики, но и немање желба да се реши, бидејќи сѐ досега се декларативни флоскули.
-Ние сакаме и пак Европа на крајот ни викаат решете го проблемот. Како да го решиме, да капитулираме? И на крајот на краиштата, ако попуштиме за некои работи, ќе попуштиме за работи кои ќе се спротивстават со Преспанскиот договор, поврзани со Грција. Така да, малку е небулозно. Еве, пробаа некои да ги истуркаат Ковачевски и Петков, Радев ги руши. Значи не опозицијата, Радев ги руши, рече Ристевски.
На прашањето дали е можно Петков да пресече наспроти другите политичари, Ристевски рече дека може да се обиде, но на крајот неговите изјави се демотивирачки затоа што токму неговите последни изјави се дека што и да се одлучи, на крајот тоа сепак ќе треба да биде легитимирано пред бугарското собрание и да се донесе одлука со консензус.
-Разговараа нели, дека главниот приоритет кога не знаат што да направат во дадената ситуација, да се признаело бугарското малцинство во Македонија, доаѓа претседателот и вели како ќе го признаете, ние не сме малцинство. И сега, како да реагирате со штотуку избран претседател на држава, а тој претседател на држава е во основа поддршката на политичкиот субјект кој ги доби изборите и чиј претставник е Петков? Значи, има една конфузност која не знаеме дали е нивна византиска игра за да ние попуштиме уште толку и од тие позиции кои ги имаме, или едноставно е сопка за нас тоа што многу од луѓето кои се скептици долги години велат дека џабе се истрчувавме во некои работи, дека во НАТО не истуркаа, ќе се проба некаква евроинтеграција, но дека во ЕУ ние долгорочно нема да влеземе, додаде Ристевски.