Лидерите на западнобалканските земји и претставници на ЕУ денеска во Софија ќе одржат Самит за Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Северна Македонија и Бугарија.
Покрај лидерите на земјите од регионот, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, на Самитот се очекува да учествуваат и шефови на држави или влади на членките на ЕУ, вклучително и бугарскиот премиер Бојко Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како иницијатор на Берлинскиот процес, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Како што најави Европската комисија, предвидено е земјите од Западен Балкан на Самитот да усвојат Акциски план за Заеднички регионален пазар.
Премиерот Зоран Заев наведе дека од Самитот во Софија очекува уште еднаш да биде испратена пораката за отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија.
– Очекувам сериозна поддршка за европскиот пат на сите шест земји членки од Западен Балкан кои сме кандидати и сакаме да бидеме побрзо полноправни членки на ЕУ. И секако очекувам дека Берлинскиот Самит ќе ја испрати уште еднаш пораката на почеток на преговорите односно отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија, нагласи Заев.
Во пресрет на Самитот, еврокомесарот Вархеји изјави дека регионалната соработка „не е замена за интеграцијата во ЕУ“, туку „основен дел од процесот што води кон неа“.
Тој додаде дека планот за регионален пазар е „клучен за зголемување на привлечноста и конкурентноста на регионот и приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ“.
– Заеднички регионален пазар исто така ќе даде огромен поттик за поврзување на жителите. Една од неговите амбиции е слободно движење на луѓето. Ова, на пример, ќе им овозможи на луѓето да патуваат само со лични карти, да се укинат работните дозволи и да ја олесни мобилноста на студентите, истражувачите и професорите, вели Вархеји.
Еврокомесарот порача дека стимулирањето на инвестициите и економскиот раст и обезбедувањето работни места за младите во Западен Балкан се можни само ако владите се цврсто посветени на спроведување на темелни реформи.
– Структурните економски реформи, јакнењето на владеењето на правото и демократските принципи, борбата против корупцијата, подобрувањето на реформите во јавната администрација се клучни за обезбедување на долгорочна безбедност и стабилност во регионот, нагласи Вархеји.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу имформира дека лидерите од Западен Балкан на Самитот ќе го потврдат новиот план за заедничкиот регионален пазар.
– Заедничкиот регионален пазар не е нова идеја. Тоа е одличен план базиран на четири слободи, како и на единствениот пазар на Европската Унија, но и поддржан од дигитални, иновативни, индустриски и инвестициски сегменти. Горди сме што го понесовме тешкиот товар на овој процес заедно со Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување, регионални организации, меѓународни финансиски институции и долгорочни партнери. Сепак, владите ќе треба да ја преземат одговорноста за спроведување на овој план, рече Брегу.
Според неа, Западен Балкан не е совршен регион. Невработеноста, економската состојба, одливот на квалификувана работна сила и младите кои ги напуштаат земјите, се обесхрабрувачка реалност.
– Пред 20 години, многу луѓе кои бараа засолниште од војните се вратија дома. Денес, 71 отсто од младите од Западен Балкан размислуваат за заминување во странство на работа, додека 43 проценти се подготвени да се преселат во потрага по изгубената надеж. Регионалниот раст се предвидува да падне на -5,1 процент. Падот на БДП во вториот квартал од оваа година е огромен, во некои случаи и до -20 проценти, главно како резултат на колапсот во туристичкиот сектор, истакна Брегу.
Не е лесно, дополни таа, да се постигне напредок во такви околности.
– Затоа, не треба да ги комплицираме работите дополнително, туку да дадеме можност да ги реализираме тие предлози за кои шест економии од Западен Балкан помогнаа да се утврдат. Политиките што се фокусираат на границите и споровите нема да му помогнат на регионот да биде побогат. Навистина се надевам дека заедничкиот регионален пазар ќе биде поддржан и имплементиран за да се обезбеди подлабока економска интеграција на регионот. Ако се случи тоа, сите ќе имаме корист, заклучи Брегу.
Заедничкиот регионален пазар произлезе од повеќегодишниот акциски план, усвоен пред три години во Трст, кога лидерите на шесте економии од Западен Балкан се согласија да му дадат на регионот можност да изгради сопствен економски простор за непречен проток. стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила со што би станал попривлечен и попогоден за инвестиции. Постигнатите резултати во рамки на Регионалниот економски простор се: 96 проценти пониски цени за роаминг и нивно целосно укинување од јули 2021 година, зголемена трговија со стоки за 25 проценти, како и раст на директните странски инвестиции за 35 остсто од 2016 година.
Берлинскиот процес е иницијатива насочена кон зајакнување на регионалната соработка на Западен Балкан и помагање во интеграција на шесте економии на регионот во Европската унија. Иницијативата ја покрена германската канцеларка Ангела Меркел на 28 август.2014 година. Оваа година, со Берлинскиот процес заеднички претседаваат Бугарија и Северна Македонија.
Самитот во Софија се одржува во рамките на Берлинскиот процес и е седми самит во рамките на процесот што започна во 2014 година во Берлин.