Министерот за здравство Венко Филипче вели дека случајот со лекувањето на пациентка заболена од Ковид-19 во домашни услови се уште се истражува и оти јавноста ќе биде информирана кога ќе има дополнителни информации. Тој апелира граѓаните да бидат внимателни и лекувањето во домашни услови да го препуштат единствено на матичниот лекар.
– Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар. Зошто? Поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација. Така што, тоа е единственото нешто што е можно и единственото нешто што системот го препорачува и дозволува, рече Филипче во одговор на новинарско прашање по настанот за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива, како и коскена срцевина во лекување и спасување човечки животи.
Тој додаде дека граѓаните треба да се свесни дека болеста Ковид-19 е сериозна болест и оти се можни многу различни сценарија во нејзиниот развој.
– Видовме нагли влошувања, видовме различна форма на клиничката слика, лесна, средна и тешка. Повторно да упатам порака дека единствено во комуникација со матичен лекар и лекар специјалист треба да се дефинираат начините на лекување и заради тоа нема еден универзален протокол кој што важи за сите пациенти. Има протоколи коишто се пратат согласно клиничката слика, манифестацијата, евентуалното присуство на хронични болести. Така што, битно е секој да се консултира лекар или матичен, а по препорака на матичниот лекар и лекар специјалист, рече Филипче.
Тој информира дека за посочениот случај нема доволно информации и оти треба дополнително да се истражи.
– И тоа вчера го добив од ДЗСИ, увидот е направен кај матичниот лекар на пациентот дека случајот е пријавен од страна на лекар кој пациентот го примил во болницата „8 Септември“ и констатирал ваква состојба, но, ни требаат повеќе податоци за што дополнително ќе истражи и Санитарниот инспекторат во делот на тоа што е примено на документацијата во болницата „8 Септември“. МВР е известено, така што, во следните денови кога ќе имаме повеќе информации, ќе известиме. Засега ништо повеќе од ова и нам не ни е познато, рече Филипче.