понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Се очекува измените на Изборниот законик да влезат во собраниска процедура

Се очекува измените на Изборниот законик да влезат во собраниска процедура

Нормализирање на работата на Собранието, усвојување измени на Изборниот законик со примена на терминалот за отчитување на отисок од прст и вградување на препораките на ОБСЕ/ ОДИХР, најавија вчера претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, а веќе од денеска се очекуваат конкретни активности во законодавниот дом и работните групи. Со законски измени треба да се овозможи и договореното одложување на пописот на населението за наесен, од петти до 30 септември, како и на локалните избори за кои првиот круг треба да се одржи во втората половина на октомври, а во ноември вториот.

Во собраниска процедура, како што најави Заев, денеска се очекува да влезат измените на Изборниот законик во однос на идентификација на гласачите со отпечаток од прст кој е договорен меѓу поголемите политички партии.

– Презедовме обврска веднаш да продолжат работните групи и да разговараат за унапредување на Изборниот законик, пред се, вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во него. Исто така да се даде можност да се разговара за претстојните локални избори, а тоа е барањето на владејачките партии за отворени листи на локалните избори за советници, како и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за избор на градоначалник во прв изборен круг со 30 проценти поддршка на кандидат од вкупниот број на гласачи во самата општина, но и за редовните парламентарни избори каде што би ги разговарале нашите барања и пред се, барањата на помалите политички партии – тоа е за една изборна единици, а од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ да се разгледа можноста нашата дијаспора покрај гласањето во ДКП-та да може да гласа и во други гласачки места каде што има поголем број наше население, изјави Заев по средбата.

И Мицкоски очекува уште денеска на дневен ред во Парламентот да се најде измената во Изборниот законик која што се однесува на терминалите за отчитување на отпечаток од прсти или т.н. фингерпринт терминали и успешно да биде изгласана во рамки на Парламентот. Според него, измените на Изборниот законик за примена на терминалот на отисок од прст се многу значајни за демократскиот капацитет на самиот процес, односно „еден човек, еден глас“ со што се спречува семејно гласање кое во минатото било пракса.

-Се согласивме да ги охрабриме работните групи коишто во рамките на Парламентот преговараа за останатите измени во Изборниот законик како што се измената на изборниот модел во една изборна единица, или доколку има други предлози, понатаму отворени листи за советници на следните локални избори, избор за градоначалник во прв круг со тоа што би бил задоволен определен процент од вкупниот број на запишани избирачи во таа општина каде што се бира тој градоначалник, гласањето на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од ДКП-та, односно онаму каде што дозволуваат законите да се формираат избирачки места надвор од ДКП-та и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, изјави Мицкоски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Собранието ќе работи заедно со парламентарното мнозинство на сите закони кои се однесуваат на реформската агенда поврзана со интеграцијата на земјата во ЕУ и сите закони кои се однесуваат на поддршка на стопанството, економијата, граѓаните и борбата против пандемијата.

-Тоа што во моментов е закочено во процедурите во Парламентот се согласивме дека треба да биде откочено, односно заедно опозицијата и власта сите закони коишто се однесуваат на реформскиот процес и интеграцијата на Македонија во рамките на ЕУ, понатаму сите закони поврзани со поддршката во стопанството, граѓаните, борбата против пандемијата да бидат завршени и оваа помош да стигне таму каде што е најнеопходна, рече Мицкоски.

Договореното одблокирање на Собранието, како што нагласи Заев, е особено важно за граѓаните.

-Законите, како што се Клиничкиот центар, продолжување на рокот за легализација на бесправни градби, петтиот пакет мерки со 100 милиони од Европската инвестициска банка со кредитите за малите и средни претпријатија, АВМУ и МРТВ, што се заглавени повеќе од година и половина во Парламентот, Законот за државјанствата на, кои ќе присуствуваат координаторите на сите пратенички групи. Законите поврзани со пензионирање со 64 години, законите од екологијата и сите други закони. Секако и поддршка понатаму за сите други закони кои што се во нашата европска агенда и помош за населението и стопанството, информираше премиерот.

Тој соопшти дека за утре во 10 часот е закажана средба со претставници на Алијанса на Албанците и на Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.

Средбата, како што рече премиерот, е на барања на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда. Поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА, а упати покана и до Левица.

-Нека дојде и „Левица“ ако мислат дека треба да бидат присутни. Ќе му кажам на координаторот. Јас ќе бидам присутен со министерот за внатрешни работи и за правда за да изнајдеме решение се со цел власта да покаже доблест и разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рационални, изјави Заев.

МИА

Најнови вести