Буквално се во државава е на распродажба, почнавме од името, продолживме со државјанствата, потоа пасоши, а за жал како сме тргнале на крај ќе си ја продадеме државата.
Повеќе од 25 години, никој, ама баш никој не се дрзна да го промени името на државата, а што убаво име си имевме, бидејќи формално-правно веќе го немаме, Република Македонија. Од Глигоров до Црвенковски и Георгиевски, од Бучковски и Костов до Груевски и Иванов, никој од овие не се дрзна да го промени името, до душа некои од овие го променија знамето…
Нудени беа куферчиња со милиони долари, бисери, дијаманти, цели богатства беа нудени, но немаше таков “маж“ кој ќе го стави потписот на ваков срамен документ, се до пред некоја година.
Оние кои пред да дојдат на власт се колнеа во најсветите работи во животот, децата, го ставија потписот и без око да им трепне сменија име, ни го сменија она за кое во минатото луѓе животи даваа.
Го продадоа името онака како во оние продавниците низ Скопје, „Се за 99 денари“, влегуваш, купуваш и си одиш, толку лесно го направија тоа.
Потоа, како ова со името да беше домашна задача по математика за прво одделение, решија да „шиткаат“ државјанства како петарди на Бит Пазар. Просто, доаѓа лице кое можеби ни на карта не знае каде се наоѓа Македонија, со него носи три лица и тие потврдуваат дека тој треба да земе македонско државјанство, институциите во ситуацијата се тотално не битни, ама тотално.
Се појавуваат некои си Зијадин Села и Африм Гаши, и двајцата по се изгледа тотално неписмени во овој случај, сакајќи да добијат гласови кај Албанците, па со радикални закони седнаа на преговори со Заев. Ни помалку, ни повеќе, државјанство да се добива со тројца сведоци, па така кој сака може да добие македонско државајнство, навали народе, ако ви е малку едно земете уште едно, или „Акција 1+1 гратис“, за секој случај да не го изгубите ова првото.
И како последна фингерајка, скандалов со пасошите… „Двојник“ или „Мафија“, како сакаш кажи го, некој решил да ни уринира по пасошот, но и дебело да заработи. Нели мафијашиве имаат многу пари, само потребни им се двојници за да не ги фатат, а сето тоа со македонски пасош. Водачи на мафијашки кланови, атентатори или платени убијци, сеедно, нарко босови, сиот џган на балканов речиси има македонски пасош и слободно шета по светов, убива, извршува нечии нечисти задачи, со амин на македонската влада, да не беше трагично ќе беше комично, но овде ѓаволот одамна ја однел шегата.
Ова со пасошите го гледавме само на филмовите, оние со тајните агенти, а сега Македонија издава исти такви пасоши, само не на агенти, туку на џган.
Се додека државата ни ја водат “моторџии“ црпнати од некоја нива, кои со 4 часа дневно во училиште станале премиери на држава, ние ќе тонеме, а ќе дојде некој и буквално ќе ни купи СЕ за 99 денари!