По аферата „Рекет“ која обелодени огромен скандал во македонската политика и македонското судство, не стивнуваат сведоштвата од повеќе страни.
Речиси и да нема ден во кој не се појавува бизнисмен со ново сведоштво за тоа како бил жртва на изнуда или рекет.
Кога се обелодени мрежата за рекетирање за која им се суди на Боки 13 и Катица Јанева, а Зоран Милевски веќе е во затвор, на големо се зборуваше за вмешаноста на политичари од врвот на власта.
Најновите сведоштва говорат за вмешаност на Зоран Заев, премиер на Република Македонија и неговиот брат Вице Заев. Од медиумите наречен „братски рекет“.
„Луѓе на Зоран и Вице Заеви во акција да ми го превземат имотот“
„Јас сум член на СДСМ уште пред да биде претседателот, или Заев. И моето дружење со него од 2014-та до 2017-та година сега не би го коментирал. Од 99-та година сум член на СДСМ, а во целата приказна влегов заради тоа што верував во премиерот и во неговите добри намери, во лидерот на мојата партија СДСМ. Цврсто му верував на премиерот“ Ова се зборовите со кои почнува да сведочи пред камерата на Алфа бизнисменот Киро Тошевски, сопственик на фирмата БАНА под чија капа е објектот за кој, како што вели, намерата била да заврши во рацете на братот на премиерот Зоран Заев, Вице.
-Од 2017-та година кога веќе дојде на власт, се што тој почна да прави врз мене се разни манипулации со други личности, поврзани за Заев и неговиот брат Вице Заев, раскажува Тошевски.
Но за само две години, работите стигнале до таму, што сега како што вели Тошевски, стравува дека ќе го изгуби имотот каде што е објектот.
Но одиме со ред. Објектот што е предмет на агонијата на Тошевски всушност е карабина, има платено комуналии за околу 12700 метри квадратни, а нето површината е безмалку 10 илјади метри квадратни. Се наоѓа меѓу хотелот Хилтон и факултетот ФОН.
Летото во 2017 Тошевски одлучува да го продаде објектот по цена од 4 милиони евра. Дури почнува и да разговара со потенцијални купци. Но во еден момент добива повик од премиерот да не брза со продажбата, односно да ја чува локацијата како атрактивна за странските инвеститори
-Ми кажа дека ми мисли добро, односно да се стрпам да бидам спокоен дека објектот и имотот ќе се продаде на вистински луѓе странски инвеститори, вели Тошевски.
Тогаш почнало се. Прв директен понудувач бил сопственикот на луксузен хотел во Аеродром. Но никогаш не се спогодиле за сумата. Сепак уште тогаш вели, Тошевски, се насетувало кој стои зад понудата од лицето, ама нашиот соговорник не сакал да верува во позадински намери.
-На еден од состаноците пред да влезам во неговиот кабинет во холот имаше на две места по десет пакета ајвари и лутеница „Мамас“, зелени и црвени, објаснува бизнисменот.
Откако не успеал бизнисот со првиот, како што Тошевски го нарекува посредник, следувал втор.
-Се појавува адвокатот Тумановски, доаѓа во моите канцеларии, не можам точно да се сетам еднаш или два пати, кратки средби. Ми покажа документи од мојот имот. Ми рече „ова го имаш, ти пишува дека имаш само земјиште под зграда, комплицирано ти е малце“. Му велам добро, кажете ми за кого е, кој е купувачот? „Добро“ ми рече, „знаете за кој човек е, да не зборуваме сега многу, се работи за Вице Заев, пратен сум од Вице Заев“, раскажува Тошевски.
Тошевски тврди дека премиерот му побарал писмо за намена, или проектна документација за имотот со цел да ја дадел на заинтересирани инвеститори. Ја доставил, вели, во влада на 20.08.2018, преку неговиот адвокат, но не добил архивско бројче дека предал документ. Заради ова како што тврди, се јавил кај шефицата на кабинет на премиерот да провери дали писмото е стигнато во рацете на Заев. Таа му потврдила.
„Афера-вирус ги демне дозволите за интервентен увоз на лекови!?“ (27.11.2019)
Кумановската фирма за увоз на лекови „Гео Фарм“ не работи скоро две години, пропаднатиот обид за поткуп од 10 % од приходот, што го барале од Агенцијата за увоз на лекови, ја пломбирало фирмата тврди нејзиниот сопственик Марјан Бојковски, објавува телевизија Алфа.
Деновите кога му се јавил емисарот за да ја каже сумата, пријавата во полиција, подготовките од МВР како да се изведе акцијата за да ги фатат митаџиите, инспекциите од Агенцијата за лекови, затворањето на магацините и деновите поминати де во обвинителство, де во полиција ги памети до минута.
Во неврзан разговор со екипшата на Алфа раскажа се посочувајќи имиња, обвинувајќи дека се работи за органзирана група уценувачи кои како вирус се шират во бизнисот со дистрибуцијата со лекови, кога ја уклучивме камерата беше доста внимателен.
– Се плашите ли дека нешто може да Ви се случи?
– Како да не се плашам. Да ти стои некој …24 месеци истрага, да не знаеш што е како е, до каде е. Се допишувавме со писма, со документи, дописи сите одговараат половично, ништо конкретно – вели Бојковски, сопственик на „Гео Фарм“.
Бојковски во 2017 година поднесува барање до Агенцијата за лекови за дозвола за интервентен увоз. Тврди дека поднел комплетна документација, надевајќи се дека без никаков проблем ќе ја добие дозволата, оти редовно било така.
Иако рокот за одобрување е 30 дена, вели, одговор од Агенцијата не добил, конкретно не му кажувале дали е прифатено или отфрлено барањето. На 15 јануари 2018, му се јавува пријател и бара со него средба со Скопје.
– Требаше да дадам финансиска … мито! Јас не прифатив, се распрашав кои се што се – малку поголема група се и така пријавив во МВР – рече Бојковски.
На 8 февруари 2018 во Единицата за економски и компјутерски криминал во Скопје поднесува кривична пријава.Во неа наведува кој и зошто му бара поткуп – кој му се јавил и во чие име го барал поткупот.
Веќе следниот ден на врата му тропаат инспектори од Агенција за лекови, да му извршат вонреден инспекциски надзор. Тоа е доволна причина за сопственикот на Гео Фарм да се сомнева дека некој дошепнал дека тој во полиција пријавил за митотот од 10 %.
-Колку пари се тоа?
-10% од секоја увозна дозвола. Па, тоа на годишно ниво е од прилика од 40.000 до 48.000 евра – објаснува сопственикот на „Гео фарм“.
Инспекторите од Агенција за лекови ја пломбирале фирмата, без никаква основа, тврди Бојковски.
Иако полицијата осмислила акција за поткупот, истата се реализирала, но до сега нема одговор зошто никој не е уапсен. Тој самоиницијативно 6 месеци испраќал дописи до Обвинителство за да провери до каде е случајот, а во октомври годинава го повикале во организиран да даде исказ.
Случајот за затворањето на Гео Фарм, е пред Управен суд повеќе од година ипол, но нема завршница.
И во обвинителството за организиран криминал се влечка работата, вели Бојковски.Во институциите нема доверба, во правна држава не верува, бидејќи како што вели тој го пријавил и митото и митаџиите, но наместо да ги фатат оние што го уценувале, им дошепнале како да се заштитат, а него му ја затвориле фирмата.
По скандалозниот „Рекет“, скандалозен „Рекет 2“
Јавното обвинителство започна предистражна постапка за „Рекет 2“.
Ова следува откако Вера Иванова поднесе кривична пријава против директорот на фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче. Пријавата беше проширена и против уште една личност.
Во пријавата се тврди дека тие здружено презеле дејствија со кои ја оштетиле и неа, но и Буџетот на Република Македонија, во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија вредна 11,5 милиони евра.
Азманов обелоденува: Државните институции во спрега со Боки 13 ме рекетираа
На почетокот на годинава бизнисменот Зоран Азманов обвини дека државните институции во спрега со Боки 13 го рекетирале и го местеле за да искреираат обвинителен акт против поранешниот градоначалник на Карпош.
Тој го обвини Боки 13 дека со објавување на неговото име на тогаш постоечката 1ТВ дека бил мафија во градежништвото со цел да си прави реклама и гледаност на телевизијата, дека ако се провери во финасовата полиција оние фирми коишто плаќале огромни суми за рекламирање на 1ТВ ќе се воочи дека тоа се фирми чии газди се поврзани или основачи на други фирми коишто имаа проблеми со СЈО и на тој начин може да се поврзе од каде доаѓале приходите на таа телевизија. Азманов тврдеше дека институциите на државата треба да го гонат криминалот, наспроти тоа тие соработувале со 1ТВ му продавале документи и информации кои ги добивале по службена должност за подоцна тој медиум ги злоупотребува истите.
Секој изминат ден се повеќе бизнисмени се охрабруваат јавно да говорат за „рекет системот“ во коишто ги вплеткува фамилијата на Заеви. Исказите на сведоците и оштетените, како и информациите со коишто располагаат медиумите одат во насока на тоа дека криминалната група уценувала, злоупотребувала и користи секакви средства и начини за да изнудува во криминален чин милиони евра од бизнисмените за свои интереси.