Семејствата на дел од притворените за настаните за „27 април“ кои минатата недела беа осудени на казни затвор над 10 години, поднесоа преставка до Народниот правобранител против решението на судијката Добрила Кацарска за одредениот притвор.
Семејствата реагираат дека притворот им е одреден спротивно на закон.
-Судијката Кацарска неосновано им одреди нова мерка притвор на дел од обвинетите кои имаа дадено гаранција да се бранат од слобода, а која беше прифатенна од Кривичниот суд и потврдена од Апелациониот суд. Народниот правобранител рече дека ќе ја разгледа преставката и соодветно ќе реагира доколку се утврдат повреди на човековите права, велат семејствата.
Како што се наведува во преставката, судијката направила груба повреда на постапката кога кон гаранцијата ја додала и мерката притвор бидејќи обвинетите редовно се јавувале на судењата, никој од нив не се дал во бегство, не го повторил или пак довршил кривичното дело, не е донесена правосилна судска одлука со која осудениот може да отпочне да ја издржува затворската казна. Токму поради овие околности како што посочуваат тие решенијата за определување на мерката притвор на обвинетите на кои претходно им е уважена гаранцијата за да се бранат од слобода се незаконити, а дадената гаранција неможе да се укине поради непостоење на законски основ за тоа бидејќи изрекувањето на првостепена пресуда не е основ предвиден во ЗКП за укинување на гаранцијата.
Претходно со реакција за притворот се јавија и дел од адвокатите на обвинетите. Според нив ваквата одлука на Судот е во спротивност со одредбата од член 144 став 2 од Законот за кривичната постапка во кој што децидно се вели дека спрема обвинетиот истовремено може да се определат повеќе мерки на безбедност, освен кога ќе ја определи мерката притвор.
Истовремено семејствата го известиле правобранителот и за уште една, како што велат, груба повреда од страна на судијката Кацарска кога по објавувањето на пресудата, бидејќи на обвинетите кои се бранеа од слобода им било ограничена слободата цели три часа додека судечкиот судија не соопшти дека сите одат во притвор.
-Во овој период обвинетите не смееа да ја напуштат судницата па дури и доколку имаа потреба од тоалет беа придружувани од полиција иако за тоа не беше донесена писмена судска одлука. Со ваквото постапување судот не само што ги повреди основните човекови права туку направи и груба повреда и на член 12 од Уставот, велат семејствата.