Човекот може да помогне доколку се појават одредени екстремистички или радикални групи на територијата каде што живее, каде што го познава теренот, каде што работи или слично. Тој знам дека поголем дел од времето го поминува во Танушевци, но го поминува и во главниот град Скопје, тој знам дека познава луѓе и структури кои што со неговото соработување со Владата може да биде од помош за Владата, а преку тоа чесно да заработи лепче за своето семејство, вака Зоран Заев го објасни вработувањето на Џезаир Шаќири, познат како Командант Хоџа на функцијата советник во Владата.
Шаќири кој според собраниската биографија има само средно образование, на функцијата надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, ќе заработува плата од 36.000 денари или 600 евра. Премиерот оваа одлука за високата плата на Командант Хоџа ја оправда со тоа дека тој имал многудетно семејство кое требало да го издржува.
Овие зборови на Заев предизвикаа бура реакции во јавноста, на социјалните мрежи вчера се коментираше дали е Заев свесен колку родители од многудетни семејства, со повисоко образование од она на Шаќири, седат дома невработени и едвај скрпуваат ден за ден.
Редакцијата на Курир постави неколку прашања до Владата околу поставувањето за советник на човекот кој е на црната листа на САД, кој се бара со меѓународна потерница од Србија, кој нема соодветно образование за платата која што ја зема во Владата, со оглед на начинот на бодување во државните институции, но веќе цел еден ден одговор нема.
Шаќири на јавноста и стана познат во 2001 година, на 17 февруари, кога новинарска екипа од А1 телевизија беше киднапирана на северната граница со Косово. Тие неколку часа биле заложници на Хоџа, кој со калашников во раката облечен во униформа на УЧК тврдел дека се бори за правата на Албанците. Тоа е само еден ден пред да почне конфликтот во Македонија во 2001 година, а во периодот на војната Шаќири дејствувал на територијата на Куманово, Липково и Арачиново, како командант на ОНА.
Токму поради овие негови дејствија во јули 2001 година тој е ставен на црната листа на граѓани на Македонија, а истиот месец се најде на црна листа и на тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш.
Шаќир по конфликтот стана пратеник во Собранието на Република Македонија, откако беше ослободен од обвиненијата со одлуката за амнестија како дел од мировниот договор. Неколку години подоцна тој прогласи независност на Танушевци и кажа дека тогашниот министер за одбрана, Лазар Еленовски не можел да го победи него, бидејќи бил градско дете.
Инаку редакцијата на Курир вчера постави неколку прашања до портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски околу поставувањето на Џезаир Шаќири на позицијата советник.
1.Дали можe да ни кажете каква е биографијата на Џезаир Шаќири?
2.Кои квалификации ги има Шаќири за да биде ангажиран како надворешен соработник од областа на безбедноста и борбата против радикализмот?
3.Какво образование има завршено Шаќири?
4.Дали според Владата немаше подобри кандидати од Шаќири за оваа функција?
5.Дали на Владата не и пречи што за Џезаир Шаќири има меѓународна потерница од Србија, поради обвинение дека е еден организаторите на нападот на преминот Доброшин кај Прешевска долина?
6.Дали на Владата не и пречи што Шаќири е на црната листа на САД, поради учеството како командант на ОНА во конфликтот во 2001 година?
Ова се прашањата на кои Курир побара одговор од Владата, но 24 часа откако прашањата беа поставени, одговор се уште немаме .
Инаку, Шаќири претходно кажа дека тој добил ветување од Заев дека ќе добија функција во Владата.
-Само што видов дека некои портали пишуваат вест дека јас сум добил функција во Владата на Заев. Ќе се обидам да ја објаснам ситуацијата. Откако победи Заев, направивме политички договор да го ослободам Танушевци, а тој да ми даде некоја функција до него како гаранција за мојата безбедност, вели Шаќири.