Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Радмила Шекеринска се имињата кои лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ги размислувал како имиња за технички премиер, кој на 3 јануари ќе ја преземе должноста да ја води владата до изборите на 12 април, пренесува Локално.мк.
Според извори на Локално од владејачката партија, Социјалдемократите на Централен одбор ќе одлучуваат помеѓу Спасовски и Николовски, откако Заев одлучил дека Шекеринска е потребна на министерската позиција до целосно ратификување на протоколите за влез во НАТО, нешто што на крајот треба да го изгласа и македонскиот парламент.
На местото дополнителен заменик министер за внатрешни работи, доколку Спасовски биде избран за технички премиер, се размислувало помеѓу членот на ЦО на СДСМ и поранешен организационен секретар, Миле Зечевиќ или пак кадар на предлог од коалиционите партнери, додека пак дополнителен заменик министер за труд и социјална политика ќе биде министерката Мила Царовска, како кадар на СДСМ кој на анкетите покажал најдобри резултати.
Со имиња се калкулира и во ВМРО-ДПМНЕ. Технички министер за труд и социјална политика, според партиски извори на Локално ќе биде професорот Лазар Јовевски, кој Христијан Мицкоски го најави како негов помошник за трудово право, а нема одлука кој ќе го замени Оливер Спасовски во МВР, уште едно место на кое треба да седне технички министер од опозицијата.