Претседателот на Владата Зоран Заев вчера до претседателот на Собранието Талат Џафери ја достави најавената оставка на премиерската функција, која треба да биде констатирана пред денешната седница за пратенички прашања, со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.
Уставот и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата.
Во членот 93 од Уставот е наведено дека „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. Владата која поднела оставка или на која мандатот и престанал, останува на должност до изборот на нова Влада“.
Во член 219 од Деловникот на Собранието, пак, стои дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Потоа, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Зоран Заев во пишаната оставка до Џафери наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. Тој исто така вели дека оставката нема усно да ја образложи пред пратениците.
По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.
По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би уследил избор на неговата влада на собраниска седница.