среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СКОПЈЕ БЕТОНИРАНО ОД АВТОБУСИ: Данела Арсовска се сокри од камерите, ја нема под дрво и камен

СКОПЈЕ БЕТОНИРАНО ОД АВТОБУСИ: Данела Арсовска се сокри од камерите, ја нема под дрво и камен

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ниту по вчерашната целосна блокада од приватните превозници, не попушти, а ниту пак се појави пред јавноста. Едноставно по вчерашната блокада на неколку главни точки во градот, и граѓаните соочени со неможност да стасаат на своето работно место на време, Арсовска се сокри и од камерите со цел да не одговори на новинарските прашања или пак да даде изјава.

СКОПЈЕ БЕТОНИРАНО ОД АВТОБУСИ

Вчера приватните автобуски превозници поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“ околу локацијата на градското Собрание. Превозниците во изјави за медиуми велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања, дури на блокадите ќе ги донесат и своите семејства.

Кемал Муриќ од приватниот превозник „Слобода превоз” вели дека нема да се тргнат блокадите додека нема напредок за излез од состојбата.

„Како што најавивме денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да се договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија се со цел да не трпат граѓаните“, рече Муриќ во вчерашаната изјава за медиуми.

„Слобода превоз“ во име на сите приватни превозници дури се извини до сите граѓани на Скопје кои се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот.

„Слобода превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат поддршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот. Сите државни институции во Република Македонија во случајов и Град Скопје треба да покажат и не треба истите да бидат пример како не треба да се работи со парите на граѓаните и да се ускратуваат правата на граѓаните во случајот да имаат колабиран градски превоз и да чекаат со саати автобус на автобуските постојки. Вакво однесување на службите во Град Скопје и самиот градоначалник покажуваат дека воопшто не се грижат за граѓаните туку напротив ги манипулираат“, пишува во објавата по социјални медиуми.

ДАНЕЛА СЕ СОКРИ ОД ПРАШАЊАТА НА ЈАВНОСТА

По поставувањето на блокадите од страна на приватните превозници, градоначалничката Данела Арсовска исчезна и не се појави ниту еднаш пред јавноста. Вчера пред просториите на Градот Скопје над петнаесетина новинарски екипи беа поставени и чекаа изјава од градоначалничката.

Нејзината портпаролка во текот на вчерашниот ден ги извести новинарските екипи дека градоначалничката е на состанок и не може да даде изјава.

Но исто така пред просториите на Градот Скопје можеше да се забележи и засилено присуство на припадници на МВР кои што ја заштитуваа.

Додека градоначалничката се криеше во просториите на Градот и не излезе за да одговори на прашањата на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ во своите соопштенија ја повикаа на одговорност.

„Тоа што Скопје е блокирано е заради тендерите на Ковачевски и Арсовска, наместо попуст за ЈСП има провизии за луѓе околу тајната коалиција. Коалицијата која го води Град Скопје се директорите на Левица, СДС и ДУИ. На едно место може да се најде кохабитација на овие три партии кои го предизвикаа хаосот, и на сето тоа додадена корумпираноста на Данела Арсовска“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение ја повика Арсовска да одговори на неколку прашања кои што заслужува јавноста да го слушне одговорот.

„Дали на тајната средба што ја призна Ковачевски, е договаран процент на провизија кој што треба да се исплати во приватни џебови и затоа нема вообичаен попуст каков што имало десетина години претходно за ЈСП? Дали е точно дека попустот којшто ЈСП го договарал со набавувачот на нафта, попуст којшто сега го нема во договорот, наместо за пари за превозниците, ќе заврши во џебот на сметководител од Ѓорче Петров во Скопје, близок до Данела Арсовска, којшто во позадина управува со ЈСП? Дали е точно дека за сите матни тендери провизија договара и едно блиско лице роднина на Данела Арсовска?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

А, само пред неколку дена во една изјава за медиуми Данела Арсовска нагласи дека нема да попушти на блокадите на приватните превозници.

„Си има суд и таму преку тужба ќе се докажува кој кому му должи. Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба и така може да се реализира договорно право. Го поддржувам правото на протест, но единствените кои губат се граѓаните“, рече Арсовска на седницата на Советот на Град Скопје на 28.11.2022 година.

Најнови вести