Седницата на која треба да се расправа и да се гласа за Иницијативата за доверба на Владата не може официјално да биде отворена и да биде изгласан дневниот ред, бидејќи нема кворум откако беше констатирано дека во салата нема доволен број пратеници.
Со 60 пратеници и СДСМ нема мнозинство во законодавниот дом, нема влада.
Пратениците од опозицијата велат дека не е прашање дали, туку кога ќе падне Владата, односно како што посочуваат режимот на Заев.
Политичките аналитичари сметаат дека кризата може да се реши и надмине само со одржување на предвремени парламентарни избори. Неизвесноста велат мора да заврши на избори кои ќе резултираат со стабилна влада и парламентарно мнозинство за земјата да продолжи напред.
Според членот 95 од парламентарниот Деловник, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 61. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
Деловникот предвидува дека координатор или заменик координатор на пратеничка група во текот на денот може само еднаш да побара прекин на седницата во траење од еден час. Исто така, предвидено е и дека претседателот на Собранието може да ја прекине седницата по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група ,заради доставување на стенографски белешки од обраќање или образложение на предлагачот, дадено на почетокот на претресот по одделна точка од дневниот ред.